Во Белорусија денеска се одржуваат парламентарни избори, на кои 516 кандидати се борат за 110 места во долниот дом на парламентот.
Изборите ќе бидат внимателно надгледувани од Западот за да се утврди колку слобода ќе овозможи претседателот Александар Лукашенко за кандидатите од опозицијата, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Националната изборна комисија соопшти дека досега гласале повеќе од една третина од избирачите, или 36 проценти, а американската агенција АП предупредува дека постои опасност од манипулирање со резултатите.
Опозицијата тврди дека гласањето е полно со злоупотреби затоа што гласачките кутии не се чуваат, а броењето на гласовите се врши без присуство на набљудувачи.
Претседателката на Централната изборна комисија, Лидија Ермошина, за телевизијата „Белорусија 1“ изјави дека властите во земјата планираат да спречат какви било провокации на избирачките места и оти нема да дозволат никаков притисок врз членовите на изборната комисија, пренесе руската агенција „Тасс“.
По парламентарните избори, во Белорусија следната година ќе се одржат и претседателски избори.