-Централно место во Предлог-Буџетот за 2020 година имаат инвестициите во човечки капитал. Тоа значи дека ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани.
Индексот на човечки капитал на Светска банка мери колкава ќе биде продуктивноста во иднина на една земја, согласно условите кои се пружаат денеска, односно здравствениот систем, образованието и социјалната заштита. Индексот на човечки капитал на Република Северна Македонија изнесува 0,53. Тоа значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53% од својот потенцијал, согласно условите кои им се пружаат. Ако ги гледаме најразвиените економии во светот како САД, Германија, Швајцарија, Норвешка, Холандија, кај нив потенцијалната продуктивност е околу 80%. Земјите од Европската унија не заостануваат многу, со потенцијална продуктивност од 75%, додека во регионот таа се движи околу 65%. Овие податоци покажуваат дека порано, долго време се запоставувал нашиот највреден капитал – луѓето.
Го менуваме тоа, така што со Предлог-буџетот за 2020 година инвестираме, наjвисоки досега, 154 милијарди денари во човечкиот капитал, или 64% од вкупните расходи. Тие се однесуваат на здравство, образование и социјална грижа. Со вложување во луѓето и во подобрување на нивната продуктивност, директно придонесуваме кон посилен економски раст и развој.
Исто така, за да работната сила може да биде продуктивна, потребни се и физичкиот капитал како инфраструктура и опрема. Предлог-буџетот за 2020 година ги таргетира и нив.
Третата компонента на која и се дава поддршка во Предлог-буџетот е поддршката на приватниот сектор, бидејќи тој го генерира економскиот раст.
Освен покачувањето на платите, како планирате да го подобрите здравството и образованието? Со кои конкретни проекти во Буџетот за 2020 ќе работите на подобрувањето на условите во овие клучни сектори?
– За да овие сектори функционираат како што треба, клучни се добрите кадри. За да имате добар јавен здравствен систем, пред се треба да ги имате најдобрите лекари во јавното здравство и најдобриот медицински персонал. Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава, во јавното здравство. За да
мотивирате дел од квалитетните студенти откако ќе дипломираат да одат да работат во просвета, треба исто така да им понудите пристојни плати. За таа цел во Буџетот за 2020 година предвидовме покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Од 1 јануари пак, се покачуваат платите на просветните работници за 10%.
Покрај обезбедување или задржување на квалитетни кадри во овие области, потребно е да се обезбеди опрема со кои тие кадри ќе работат и програми преку кои ќе обезбедат подобри услуги.
Во Предлог-буџетот за 2020 година предвидовме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството. Во рамки на оваа ставка предвидени се средства за отпочнување на изградбата на клиничкиот центар во Скопје, за клиничкиот центар во Штип, за реконструкција и доградба на јавни здравствени установи низ земјава, за набавка на медецинска опрема.
Понатаму, предвидени се средства за мерката „целосно здравствено осигурување” во вредност од 2,9 милијарди денари. Со мерката ќе се обезбеди здравствено осигурување на 240.000 граѓани кои не се осигурани по ниту еден основ. Исто така, има средства за програмата за лекување за ретки болести, за задолжителна имунизација и други програми кои ги подобруваат здравствените услуги кон граѓаните.
Издвоени се 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции во образованието, за реконструкција и изградба на училишни згради, спортски и училишни сали, студентски домови. За првпат следната година, се обезбедија финансиски средства за отпочнување на програма за инклузивно образование, со која лицата со хендикеп ќе добијат личен асистент.
На презентацијата на буџетот за 2020 година оценивте дека тој е реален со реални проекции. Колку сметате дека се остварливи со оглед дека следната година ќе има избори?
Конкретно за проекцијата за растот на економијата – за 2020 година проектираме раст од 3,8%, што е во линија со проекцијата на Народната банка. Истата ја базираме: прво – на растот на приватната потрошувачка, кој го проектираме врз основа на растот на вработеноста, растот на платите и активацијата и зајакнување на социјалната заштита на ранливите категории; второ – на растот на инвестициите кои се проектирани на 8%, како резултат на зајакнување на довербата на инвеститорите по влезот на земјава во НАТО, како и мерките за поддршка на реалниот сектор; и трето на извозот, кој ќе остане солиден со
проектиран реален раст од 8,3% како резултат на новите извозно-ориентирани индустриски капацитети.
Исто така, нашите очекувања ги базираме на позитивните движења во економијата во првото полугодие од годинава, кога е остварен широкобазиран раст од 3,6%. Што значи широкобазиран – значи дека имаме раст во сите сектори, односно индустријата, градежништвото, земјоделството, услужниот сектор…
Проекциите на меѓународните финансиски институции исто така ни одат во прилог. Имено, ако ММФ, Светска банка, ЕБОР ги намалија глобалните проекции за годинава, за нашата земја ги покачија изгледите за економски раст.
Колку може да кажеме дека е развоен буџетот за следната година со одвоени 23,6 милијарди денари? Дали станува збор за продолжување на веќе започнати проекти, има ли нови и дали може да очекувате поголема реализација?
– Ги проектиравме капиталните расходи на ниво пониско од иницијалниот буџет од 2019 година, а нешто повисоки од капиталните расходи во ребалансот на буџетот. Кога се планираа овие расходи во буџетот, на буџетските корисници им беше посочено да даваат предлози согласно нивните реални капацитети и реалната динамика на реализацијата на проектите. Исто така беше земена предвид и претходната нивна реализација.
Освен што одевме попретпазливо со проекциите за капиталните расходи, дадовме и алатка на јавноста за да влијае на подобрување на нивната реализација. Тоа е алатката за фискална транспарентност со која јавноста може да го следи извршувањето на капиталните расходи по буџетски корисник. На овој начин, тие ќе ја имаат информацијата која институција каков перформанс има, и ќе можат да вршат притисок преку јавното мислење да се забрза реализацијата на капиталните инвестиции.
Во рамки на Буџетот има и нови проекти, како и проекти кои се во зрела фаза на реализација. Издвоени се средства за изградба на краците од примарната гасификациона мрежа, за изградба на социјални станови, изградба на локални патишта во општините, изградба на водоводи и канализации преку проектот поддржан од Европската инвестициска банка, изградба на пречистителни станици…во здравството се предвидени средства за клиничките центри во Штип и Скопје, за изградба или реконструкција на јавни здравствени установи, потоа во образованието за училишта, спортски сали и студентски домови, додека во социјалната грижа – градинки, установи за згрижување, дневни центри итн.
Најавено е зголемување на плати и пензии. Колку тоа може реално да се исфинансира и од каде ќе се обезбедат тие пари. Приходите ви се проектирани 3,6 милијарди евра и имаат раст од 5,6 отсто, на што ги темелите овие очекувања?
-Средства за покачување на платите и пензиите се обезбедени и нивното серсвисирање и следната година ќе оди навремено и непречено, како и оваа.
Приходите се проектирани на ниво повисоко за 5,6%, врз основа на благо релаксирање на даночната политика со истовремена корекција кај одделни даночни стапки, со кое се очекува да се постигне повеќекратен ефект односно – со истото е предвидено да се обезбеди поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси, како и поддршка на приватниот сектор, што би резултирало со намалување на даночната евазија.
Преку механизмите за спречување на сивата економија ќе се влијае на подобра наплата на приходната страна, и пред се на еден фер систем, каде сите го плаќаат својот дел од давачките.
При проектирањето на приходната страна на буџетот беа земени во предвид и ефектите од покачувањето на минималната плата, покачувањето на платите во приватниот сектор како резултат на мерката за субвенционирање на придонесите и растот на вработеноста.
Дефицитот за следната година е понизок од годинешниот и изнесува 2,3%. Како ќе се финансира и колку ќе се задолжи земјата на домашниот и странскиот пазар?
-Проекцијата за буџетскиот дефицит следната година е во рамки на Фискалната стратегија и заложбата на Владата за постепена фискална консолидација. Што значи тоа? – Постепено да се намалува разликата помеѓу собраните приходи и расходи во буџетот, а притоа да не се влијае негативно на инвестициите и потрошувачката, односно развојната компонента. Така следната година дефицитот е стеснет во однос на годинешната проекција од 2,5% на 2,3%, за да 2021 и 2022 се намали на 2%.
Со намалување на дефицитот се намалува и потребата за негово финансирање, односно за задолжување.
Втор момент кој тука треба да се спомне е финансирање на стари доспеани обврски. Следната година за враќање доспеваат 439 милиони евра по основ на стари долгови земени во 2013 година. Тоа е ПБГ заемот од Дојче Банк – гарантиран од Светска банка, кој доспева во јануари во висина од 155 милиони евра. Друга голема отплата е во декември во износ од 178 милиони евра по основ на еврообврзницата издадена во 2015 година. Овие два заеми се со каматни стапки од 3,9% и 4,9% респективно.
Овие стари долгови мораат да се рефинансиираат – а доброто во целата приказна е дека како резултат на водење на политика за стабилизирање на долгот, како и сегашните поволни услови на пазарот на капитал, долговите ќе се рефинансираат по значително помали каматни стапки. Тоа значи помал трошок за државата и стеснување на долгот.
Значи кога зборуваме за потребите за финансирањето на дефицитот и старите долгови за догодина, зборуваме за проектираниот дефицит за 2020 година кој изнесува 17,4 милијарди денари, отплатата по основ на главница на надворешен долг која изнесува 26,9 милијарди денари и отплатата на домашен долг која изнесува 16,3 милијарди денари. Оваа сума ќе се финансира преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
За јавниот долг кажавте дека е стабилизиран. Колку ќе изнесува на крајот на годината и следната година?
– Јавниот долг е стабилизиран како резултат на водењето на прудентната политика на јавен долг. Довербата на инвеститорите во економијата влијаеше на намалување на каматните стапки за финансирање на дефицитот и рефинансирање на старите долгови. Исто така, преку постепено намалување на дефицитот, кој претходно се движеше околу 4%, се стеснуваше просторот кој треба да се финансира. Во однос на домашниот пазар, фрекфенцијата на аукциите на државниот пазар на хартии од вредност се намали од четири на две аукции месечно, додека повлекувањето главно се однесува на рефинансирање на стари аукции. Исто така зголемена е рочноста на аукциите, што остава поголем фискален простор за рефинансирање на истите.
Според последните податоци, јавниот долг изнесува 47,7% од БДП, што е за 1,1 процентен поен пониско од 2016 година. Мора да се нагласи дека, во овој износ од оваа година – во насока на фискалната транспарентност и препораките од меѓународните финансиски институции, е вклучен и негарантираниот долг кој е околу 0,3 процентни поени. На крајот на годинава се очекува јавниот долг да изнесува 49.4%, што е значително под предвидениот 51.7% во Фискалната стратегија 2020-2022. Во тек е ревизијата на Фискалната стратегија во која ќе биде објавен проектираниот јавен долг за 2020 година со надолна корекција.
Каква поддршка може да очекува приватниот сектор следната година?
– Приватниот сектор е оној кој го генерира економскиот раст и затоа Владата останува посветена на креирање соодветни политики, со кои ќе му даде поддршка во предизвиците со кои се соочува.
Во буџетот за следната година предвидени се 2,4 милијарди денари за поддршка на мерката за субвенционирање на придонесите на платите за оние компании што ќе ги
покачат платите од 600 до 6000 денари. Со оваа мерка ќе се адресира проблемот на привлекување, задржување и мотивирање на квалитетните кадри. Мерката е дизјанирана на системски и одржлив начин, со тоа што придонесите за покачените плати ќе се слеваат директно во фондовите.
Исто така, 3 милијарди денари се одвоени за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициски вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување нови пазари, поддршка за создавање нови работни места, поддршка на малите и средните претпријатија, на иновативната дејност, технолошкиот развој и истражувањата како и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони.
Со активните мерки за вработување во износ од 1,3 милијарди денари ќе се поддржи бизнисот, така што со нив се овозможува преквалификација и доедукација на кадарот за да ги пресретне потребите на приватниот сектор.
Поддршка на реалниот сектор се дава и преку капиталните расходи, односно тука се јавни набавки, проекти, кои креираат работа за домашните компании.
До крајот на декември треба да се исплати првиот поврат на средства преку МојДДВ, од кога започнува наградната игра која рековте дека ќе се придружи на мерката?
– МојДДВ покажа дека дава резултати за целта за која беше наменет, односно над 150.000 луѓе активно скенираат сметки и на тој начин помагаат во решавањето на еден значаен проблем – сивата економија.
-Сакаме овој опсег уште повеќе да се прошири. За таа цел од средината на декември ќе започне МојДДВ #МојаНаграда. Наградниот фонд за играта ќе биде половина милион евра и ќе се доделуваат парични награди на дневна, месечна основа, како и две главни премии.
– Покрај повратот, кој ќе го остваруваат граѓаните со скенирање на фискалните сметки, тие ќе може да станат и добитници на парична награда. Со ова граѓаните ќе имаат уште поголем мотив да влијаат и на адресирањето на сивата економија, односно секоја скенирана фискална сметка потенцијално е добитна – односно зборуваме за една вин-вин наградна игра, бидејќи сите добиваме – единствено кога губи сивата економија. Надградената мобилна апликација ќе содржи и едукативни елементи.