Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ по повод 28-ма Годишна Конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ
„Добар ден ВМРО-ДПМНЕ,
Добар ден за најсилната авангарда,
Добар ден за еден од главните мотори и двигатели на сите битки и победи на ВМРО-ДПМНЕ, – Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ,
Почитувани членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ,
Почитувани пратеници, почитувани градоначалници, советници.
Почитувани членови на Централниот Комитет,
Почитувани членови на тимот на стратешки соработници,
Почитувани членки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ,
Почитувани ветерани на ВМРО-ДПМНЕ,
Уважени гости, драги присутни,
Ќе го почнам ова денешно обраќање, со еден цитат кој совршено се вклопува со денешните мигови „Времето е неподносливо тешко, проблемите надвиснале, но не очајувајте народе, пренесете им на своите браќа и сестри, ние сме единствени и свесни за предизвиците, и затоа…затоа …Победата е наша, Победата е наша и победата е заедничка!!!“
Ова ќе биде победа на сите млади чии срца чукаат за промени, ова ќе биде победа против оние кои сакаат бунтовноста денес да ја замолчат. Ова ќе биде победа на жедните за правда, оние кои копнеат за сигурност, и оние кои си ветуваат себе си, дека нема да потрошат уште макар еден ден загубен овде, во сивилото наталажувано со децении и политиканството градено со години.
Еден новинар ме праша што очекувате од младите на овие избори… Јас му одговорив дека очекувам тие, сите вие во оваа преполна сала да бидете свои единствени, да бидете она што сте и да се борите за она што сакате да бидете. Да рушите бариери, да надминувате стереотипи, да бидете промената, да бидете обновата која ќе ја донесеме. Младите се за обнова не затоа што тоа е фраза, туку тоа е насушна потреба. Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја има слободата, а секој од вас го има мојот збор дека ќе ви бидам најголемиот поддржувач за вашите идеи и вашите цели.
Затоа што Македонија одамна го нема тој луксуз да загуби уште една генерација која ќе се исели. Повеќето села одамна се празни, а сега градовите се празнат, а генерациите си заминуваат. Иселувањето не е како калемење на растение, туку тоа е како да го откорнете од родната грутка и го пресадите таму некаде далеку, на друга почва и во други услови. Колку и да боли, колку и да пече, ова е реалноста во Македонија. Можете на двете раце да наброите имиња од ваши врсници, луѓе од вашата генерација, вашето семејство кое се иселиле. А Македонија останува празна, а господари на она што малку преостанува се оние кои мислат дека власта е нешто што природно им припаѓа, па така опиени од нејзе гледаат на функциите единствено како средство за богатење, наместо место од кое треба да им слугуваат на граѓаните. И сиот тој гнев кој го чувствува секој еден човек во земјата е десетпати поголем кај младиот човек, кај студентите, средношколците, тинејџерите кои гледаат дека некој им ја краде слободата, државата, а со тоа им ја краде иднината. А иднината им припаѓа, на кој друг, ако не на вам, младите.
Но секој почеток има и свој крај, а крајот на сето ова е близу и тој се вика 12 април.
Јован, ти ја водиш Унијата во најтешките времиња за нашата земја, и ја имаш мојата полна доверба и довербата на партијата да продолжиш да се бориш за младите затоа што тоа е битка која е праведна, има кауза и оправдана цел и знам, можам да го препознаам тоа дека Младите се за обнова, како што знам дека 12 април е денот кога завршува една неславна ера на политичари кои го лажат и манипулираат народот. Тоа е нивниот крај, а почетокот е со доаѓањето на обновата. А тоа е победа над неправдите, победа над системот кој силно ја гуши слободата. Победа над лагите и над сликата за криминалните политичари кои се богатат на грбот на народот.
Тоа ќе биде победа, не моја туку ваша, тоа ќе биде победа на народот над злото. На секој еден кој денес е несреќен со тоа што го имаме како земја. Немаме повеќе животи за трошење, ниту пак години поминати во чекање.
Ќе ви кажам и зошто, затоа што 12-ти април 2020 година ќе биде нивниот крај.
Имаме влада без визија, имаме влада без концепт и програма. Кај овие луѓе нема ниту идеологија, ниту кауза. Зошто тие имаат испраксирано еден па исти метод кој не е голема суштина, туку за да го применувате е само потребно да имате отсуство на морал и да немате проблем да си играте со човечките судбини.
Зоран Заев она владеење кое што го имаше во Струмица како градоначалник, сега како премиер го пресликува во Македонија. Тоа е владеење кое се потпира на две клучни карактеристики, притисок, корумпирање и купување и корумпирање на луѓе кои подоцна мисли дека се негови робови, затоа што мисли дека него му должат.
Заев кога стана градоначалник не пропушти буџетите, парите на граѓаните така прецизно да ги распредели на компаниите на братучедите, роднините и блиските пријатели. Се сеќавате на оние тендери кои во Струмица завршуваа кај бате, чиче и братучедите. Па така парите на народот станаа пари на семејството Заеви. Секогаш кога имаше избори дел од тие пари одеа за поткуп, корумпирање или решавање на ситни проблеми на притиснати од мака граѓани.
Откако ќе прифатите, Заевци да ви ги дадат дел од парите кои што ги изрекетирале и украле тогаш вие станувате нивни робови, а цената секогаш треба да се плати и таа е неколкукратно зголемена на денот на избори. Доколку не може вака да ве скршат или уценат, тука се притисоците и заканите. А во тоа се махери. Погледнете го само случајот Рекет.
Токму тоа што Заев со години го правеше во Струмица сега сака да го примени во цела Македонија. Без пардон, без скрупили. Онака голо, сурово. И затоа нема визија, нема концепт и нема програма, туку бесцелно талкање, ветување, лага, па потоа следи извинување. Ако порано крмчеа буџет од 4 милиони евра во Струмица сега сакаат да си играат со буџет од 4 милијарди евра. Со парите на сите вас, без задршка. Неговата игра all in за Македонија е руски рулет каде влогот е нејзиното постоење и иднина. И така чекор по чекор тие станаа најбогатото семејство на Балканот, а можеби во Европа, а Македонија најсиромашната земја во Европа најкорумпирана земја на Балканот.
И ако есента е период кога денот се намалува, ако е сигурно по ноќта дека доаѓа утрото, исто така сигурно е дека Зоран Заев кога ќе дојде периодот на избори, не ја говори вистината. За тоа нема мака и преку цела година, но ова се засилува само пред избори.
И ако се сеќавате неколку пати отворено предупредувам дека изборите се време кога Заев кажувањето на невистини го има вклучено на најјако. Па кога не разговара со некои пранкери, ќе се истури со ветувања за повисоки плати, пензии, синдикални договори, ветувања за професори, наставници, доктори или што уште нема да му текне, само бесмртност нема ветено. До душа чистиот воздух го заборави, зошто секој изминат ден го демантира, но нема проблем да продолжи да ветува други работи, и така ветувања без суштина, препакувани лаги ќе се изнаслушаме во периодот кој следи.
Но на ваквите итроштини и предизборни лаги никој веќе не наседнува. Тоа е минато. А не наседнуваат затоа што луѓето имаат искуство. Народот овие денови засилено вели ако еднаш не излажат, тогаш е до нив, но ако тоа го направат два пати, тогаш е до нас. И затоа отпорот на народот е голем кон оние невистини и лажни ветувања кои ги истура владата.
Во истиот ден кога најави зголемување на платата на наставниците и професорите требаше да каже дека Зоран Заев всушност одзема од платите на овие луѓе. Секој наставник и професор треба да знае дека Зоран Заев не ја зголемува вашата плата, Зоран Заев ви одзема од Вашата плата која ви е гарантирана со закон и колективниот договор во образованието и тоа во просек по 5.600 денари месечно согласно старата, односно речиси 11.000 денари согласно новата минимална плата! Исто како што пензионерите треба да знаат дека за Овие три години власт требаше пензиите да пораснат за најмалку 1.500 денари согласно законот кој Зоран Заев го промени односно со кој го укина усогласувањето, а сега ќе вели ќе ги покачувал пола од таа сума која претходно им ја одзема односно цели 700 денари. И секако нема да чуете квалитетен демант од владата за сето ова што го зборам, туку само празни памфлети.
Нивната реакција се сведува на штуро партиско соопштение, или некаква изјава од партиското седиште со општи и излитени фрази…како Груевски ја водел партијата, режимот, диктатурата…иако сето ова нема никаква допирна точка со тоа што Владата им краде пари на пензионерите, наставниците, професорите. А кога сме кај обвинувањата за режим тука СДСМ се ненадминати. Тие впрочем стануваат производ кој ги усоврши не само маните, без квалитетните страни на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку тие се заеднички именител на сите недостатоци на сите влади овие изминатите 28 години.
Власта не може да купи чест, достоинство и доверба со некој денар задоцнето и премало покачување. Македонецот не се продава за шака денари кои сакаат овие да му дадат а кои природно му следуваат, и не плука врз предците, кон оние кои со живот го платија она што ние денеска го живеме.
Треба да се биде реален и да се каже дека имаме реални порази како држава и премиер кој не се срами да носи порази. Погледнете ги само овие во последниве неколку месеци. Му ја зема Ципрас машната и како отсечен скалп се фалеше со нејзе, а пред некој ден Мицотакис го викна за да му каже дека промовира светски бренд дека Македонија е грчка.
Среде Скопје во Охис им се случи Чернобил и не реагираат, а згора на се пробаа и да го сокријат. Наместо правда, гледаме секојдневно оној поранешен пратеник кој бараше полче, наместо да одговара пред законот секојдневно шета по телевизии и е главна ѕвезда. Испраќа порака дека никој ништо не му може. Исто како и Ременски која наместо да биде повикана за Рекет, гледаме пресметка на параполициски структури во СДСМ кои наместо за правда се борат за себе си и да ги заштитат своите матни зделки. Но проблемот е што судството е урнисано.
Кога така говорат за нивното надградено Сваровски судство во Луј Витон правосудство ќе помислите овие луѓе не се три години на власт, туку само што дошле. Па демек министерката Дескоска била револтирана за застарените предмети во судството, ама кога ќе им треба истото тоа судство да испорача некоја одлука под маса, тогаш власта И Зоран Заев се најзадоволни. Нивната тактика е тие да удираат по судиите, а овие да молчат бидејќи сакаат да го амортизираат незадоволството од неспособноста и подземните игри кои ги прават. Ама не може да се амнестираат од фактот дека не донесоа правда. Не може да се прават дека не се одовде. Демек Џолев не чинел, а овој е прв на сите нивни приеми и има исти ставови како и власта. А што е со Кацарска, Рускоска кои се ороводци на овој трул и корумпиран судско обвинителен систем. Нели до вчера се фалеа дека прават реформи со советот на чие чело е Зоран Заев, нели до вчера Заев ќе го отвораше судството како пупка.
И сега кога доаѓаат избори истиот оној кој ветуваше реизбор на судиите, откако благонаклонетите од минатото седнаа во неговиот скут и му станаа најверни слуги, и една реформа не направи во судството, тогаш реши ќе правел ветинг. Ви се молам, не може да бегаат од одговорност затоа што до гуша се извалкани со игрите кои ги прават.
Го слушам вчера, ќе правел ветинг, во Велес најавува, а заборави дека само пред неколку месеци еден градоначалник од Скопје на прес конференција јавно го презентираше рецептот на Зоран Заев. А тоа е притисок или овој судија да биде судија или договорот не важи. Таков е ветингот по принципот на Заев. Колку повеќе ми слугува, толку повеќе ќе напредува во судството. Е така веќе не може и после 12 април ќе следува отчетност и одговорност за сето ова кое што го направи.
Реформите на Заев во правосудството се реални исто онолку кога и во моментите кога сака да звучи веродостојно прави паралели со лаги па ќе чуеме еден ден дека ќе облекол железни опинци, а веќе следниот ветува дека ќе одел бос, ама 500 евра просечна плата ќе сме имале, но во реалноста за жал нема ништо од тоа. Па така ќе не убедуваат додека издржиме да стигнеме до 500 евра просек плата, дека и со 17 илјади денари можел да се издржи месецот, само не кажуваат како, и сето ова додека нивните илјада евра плата им стигнуваат на сметките на почеток на месецот и удобно си живеат, а пак оние милионски црни зделки и тендери се гратис. Колку за да имаат некаков убав провод…
На граѓаните им одземаа триесетина милиони евра со прогресивниот данок, па го вратија рамниот данок, ама никаде ги нема да кажат дека ќе ги вратат и овие триесетина милиони евра кои ги одземаа на фирмите и граѓаните. Нивното извини не поминува, затоа што парите кои ги земаа од даночните обврзници не ги вратија.
Но ако се побуните за своите права, тогаш ќе извадат од под маса закон за забрана за протестирање, замислете овие чија што уста е полна со европски вредности сакаат на шверцерски начин во Собранието да протнат закон за забрана за протестирање. Тоа не е затоа што сакаат да направат ред, туку затоа што деспотот се плаши од својот народ. А се плаши затоа што човекот прави грешки до грешки, неправди до неправди. И кога така сакаат да забранат да се собира народот, не престануваат и да прават притисок во медиумите. И кога ќе речат биле за слобода на медиумите, тука фактите ги демантираат. Клучот на според нивните зборови провладината 1 ТВ, на Независен весник, Нова ТВ, Вест, Утрински, Дневник кажува дека медиумите умираат. Исто како што се стега и независноста затоа што во еден од кабинетите на Илинденска се штанцаат и лажните вести за мене, против моите соработници, за ВМРО-ДПМНЕ. Се тепаат новинари, им се закануваат, а на тоа владата молчи, а ги нема и оние советници на Зоран Заев кои се прават заштитници на слободата.
Но секоја лага им се распрснува, како онаа хајка која што ја правеа за мојот имот кој го стекнав пред да влезам во високата политика. Но сега откако и нивната Државната комисија за спречување на корупција кажа дека се е чисто, ги нема да кажат некој збор за тоа, молчат. Но факт е дека не сме сите исти. И колку тоа да сака да го престави така власта, треба да знаат дека честа и образот за мене немаат цена. Дури и во едни вакви услови, на апсолутна власт на СДСМ, со се што видовме овие три години, притисоци, монтажи, рекети, успеаја да конструираат случај против мене, но за нивна жал неуспешно. Очекувам најмалку барем да се извинат за клеветите кои ги изрекоа против мене и моето семејство, но поважно е да сфатат дека не сме сите исти, и дека во политиката може да има и чесност, принципи и чест.
И немам намера да продолжам да анализирам каде се погрешија и колку црно направија на овој народ и нашата земја. Тоа вие сите добро го знаете затоа што го живеете ова секојдневие делејќи ја заедничката судбина. Во продолжение сакам да ве уверам што е тоа во што јас силно верувам и за што јас силно ќе се залагам.
Јас верувам во принципи и вредности. И во една поинаква слика за политичарот од онаа каква сме навикнале да ја гледаме овие 28 години.
Не смееме да го разочараме народот, ниту на функциите да гледаме како некое наследено право. Функцијата пред да биде привилегија, е одговорност. Одговорност кон народот и кон Македонија. Моето најголемо настојување ќе биде да има апсолутна правда и секоја неправда која ќе биде докажана, секоја злоупотреба која ќе биде направена да биде жестоко казнета, без оглед кој е од каде доаѓа и колку е близок со мене.
Сигурно се запрашувате зошто посветувам толку многу внимание во настапите со испраќање на пораки до идните пратеници и оние кои ќе ја имаат одговорноста во Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Затоа што сега сакам да укажам тоа што не смееме да правиме затоа што кога ќе дојдат на позициите треба да знаете дека тогаш ќе се дејствува, и не сакам да рече некој, не предурпедил, некој не кажал.. Тогаш ќе биде доцна, секое отстaпување од принципите и моралниот кодекс ќе биде санкционирано.
Народот нема ништо од тоа кога политичарите ќе речат „извинете”. Вообичаено тогаш штетата е направена, а времето не се враќа. Мора да се дејствува пред да биде направена грешката.
Принципите за кои говорам нема да бидат слово на хартија или напразно кажан збор, туку морален кодекс кој мора да го знае и применува секој кој ќе ја има одговорноста да му служи на народот.
Овој морален кодекс, е за да не дојде до грешки, за да ја смениме сликата за политиката во Македонија.
Прво, Нема да има предолго останување на функција, затоа што секоја таква појава, колку и таа успешно да се обавува, предизвикува рутинизирање, и чувство на самодоволност, и арогантност која доведува до одлепување од народот. И така се намалува квалитетот, а максимумот кој треба да се даде се сведува на минимум. Нам не ни требаат функционери кои ќе бидат заштитени како бели мечки. Функцијата не го прави човекот, туку човекот ја прави функцијата, а таа мора да му служи на народот.
Второ, ако има некој функционер кој сака да обавува и функција да биде истовремено бизнисмен, нека заборави на тоа. Не може тоа така. Овој народ мора да има луѓе на позиции кои треба да им одговорат на барањата на граѓаните, а не на личните бизнис интереси.
Трето, мора да излезе на површина квалитетот на луѓето и нивните способности. И доколку има некој кој што е надвор од нашата коалиција и партија, а кој што е подготвен да се вложи со своето знаење и квалитет на одредена позиција ќе биде добредојден тоа да го направи. Бидејќи таквиот избор на квалитетни кадри носи бенефит за народот, за државата, па и за нашата партијата, зошто граѓаните ќе ја наградат и партијата поради луѓето кои чесно и одговорно работат.
Четврто, администрацијата мора да се ослободи од стегите во кои сега работи. Реваншизмот не смее да биде слика која се повторува 28 години, туку тој треба да се замени со функционирање на правната држава и словото на законот. Треба да одговараат оние кои вистински се огрешиле спрема народот и законите. Треба да се плашат само оние кои нанеле зло и направиле криминал.
Петто, мора да бидеме достапна Влада за народот. Ако можам јас за еден месец да минувам илјадници километри низ нашата земја и да правам контакти со народот, тогаш тоа ќе мора да го прави и секој еден кој ќе има одговорна позиција во новата влада. Мораме да ги слушаме и барањата на коморите, синдикатите, еснафските здруженија. Преку таквите консултации ќе прибираме идеи, размислувања, но и ќе се коригираме. Ќе формираме координативно тело раководено од министер кој ќе ја организира оваа работа.
Шесто, ќе имаме посебно внимание и почит кон верските заедници и религиозни групи согласно нашата идеолошка определба. Но исто така ќе ги почитуваме и маргинализираните групи и сојузи нудејќи општество без предрасуди и без стереотипи.
Седмо, Економија, раст и развој. Образование кое е квалитетно, и модерно. Шанса за младите и посебна стратегија за борба против иселувањето. Ќе понудиме решенија како дел од план со кои мора да се спротивставиме на егзодусот со иселувањето. Да ги задржиме луѓето кои тука ќе градат иднина. Да обезбедиме правда без исклучок. Здравство со стандарди и квалитет. Земјоделие кое ќе нуди можности за земјоделците, култура со почит кон традицијата и модерното, и без влијание на политиката. Ова се основите кои ќе ги следиме во идната програма. И ќе се трудиме да оствариме што е можно повеќе, и ако нема реализација на ветеното, тогаш казната од народот ќе дојде. Нема да има мешање на политиката каде не и е местото.
И уште сега сакам да кажам, ќе ветуваме реални работи кои ќе ги реализираме. Не сум човек кој може се да каже и вети само за да ги направам тие околу мене и пред мене да бидат задоволни. Јас ќе го ветам само она во што верувам и знам дека ќе го остварам.
За младите ќе имаме цел сет на мерки, нов пристап и нов начин за комуникација. Младите ќе бидат вреднувани и почитувани. Ќе имаме мерки со кои ќе им се помогне при вработувањето, ќе подобриме стандардите во образованието и пред се ќе ја имаат слободата која им недостасува. Партнерски однос кој тие го заслужуваат, разговор на рамноправни, и почитувани индивидуи.
Осмо идните функционери ќе мора да се откажат од луксузирањата. Доста е од луксузирање 28 години, на политичарите. Нема да има трошоци за непродуктивни работи, и за личен комодитет. Не може народот да е на сол и леб, а функционерите да се луксузираат. Не оди тоа тоа. Треба да се стави крај на таквиот морален хазард, јас ќе бидам прв меѓу еднаквите.
Деветто, Имаме јасни стратешки партнерства со ЕУ, САД и НАТО алијансата. Ќе работиме за ЕУ, ќе работиме за стандарди, и принципи, да си ги признаеме слабостите за да можеме да одиме напред. А ниските страсти во политиката ќе ги оставиме на страна. Тие партнерства се базирани на меѓусебна почит и поддршка, на вредности и взаемен интерес, а не непотребно и недостоинствено додворување. Еден мој пријател од една голема Западна земја членка на НАТО во една прилика ми рече, имаме проблем со Заев, се живо ветува насекаде, на никого не вика не. Од мене нема да чуете приказни дека на некого ќе му го омекнувам срцето само за да ни прогледа низ прсти, туку има да се засукаат ракавите и да се работи деноноќно.
И колку и да сакаат луѓето од сегашната власт да не наречат екстремни националисти, знаат дека ние сме луѓе родољуби и патриоти кои си ја сакаат земјата и ги бранат заедничките интереси. И кога говорам за македонизмот, говорам дека тој е основата на нашето општество на која треба да се развиваме, ниту антиквазицијата, ниту онаа насилна севернизација, која што ни се турка во последно време, туку Македонизам како космполитска идеја која треба сите нас да не врзува и да не обединува.
Десетто, Нема да бараме поддршка базирана на трговија со гласови, туку поддршка базирана врз програма и цели. Јас немам хипотеки кон никого во политиката, и јас и сите ние единствено можеме да обратиме кон оние кои не поддржуваат со работа и со принципиелен однос.
Ова е моралниот кодекс составен од принципи и вредности, а следува и програма. А промените кон подобро ќе се почувствуваат во првите 100 дена од мандатот на новата влада.
Ова е тешка работа, посебно во систем кој е навикнат на виткање кичма, и ќе има отпор, тоа го знам. Дали ќе биде лесно? Нема да биде лесно. Дали ќе ги решиме сите големи проблеми кои постојат? Не знам. Ама дали со сите сили ќе се бориме да успееме – е тоа Да! И тоа ви го ветувам стоејќи овдека пред вас со сиот свој морален интегритет и чест дека крваво, деноноќно ќе работиме за да успееме да ја видиме Македонија модерна европска земја членка на ЕУ, онаму каде што и е местото!
Верувајте во себе, верувајте дека доаѓа обновата. Затоа што обновата не е само слоган, туку нов начин на делување. Филозофија во која цврсто верувам. Обновата е среќна Македонија, горда и исправена. Земја на надеж, земја на сигурност. Обновата е и правда, безусловна правда. Нов начин на функционирање, искреност, чесност и честитост.
Следува Референдум за Македонија. 12-ти април 2020 година е тој ден.
Македонија е нашето се. Да ги поразиме оние кои носат порази. Изборот е Зоран Заев или Македонија. Народот ќе ја одбере Македонија.
Знам дека тоа е така.
12-ти април е денот кога ќе треба Македонија да стане. Да биде на нозе, тој е вториот 8 септември за нашата татковина. Да покажеме кичма, да победи моралот, сонцето да се вее и да свети најсилно.
Македонија тоа го може, затоа што таа е нашето се. Да го дадеме последниот атом од нашата сила, да се избориме за среќна иднина. За Македонија вреди секоја секунда од нашите живот борба за нејзе.
Знам дека ќе победиме, и знам дека Македонија ќе ја исправиме. Таа енергија ја гледам, и ја чувствувам насекаде ширум нашата држава.
Но она што е важно, е важно да им кажеме на сите, старо и младо, ова е наша битка и битка на нашата генерација. И ова е битка на мојот живот за она во што верувам, за она што ме воспитале моите родители, за она што ги одгледувам моите деца, овде се работи за сон, за идеја се работи за цел, а тоа е Македонија. Македонија достоинствена, наша, заедничка, обновена, почитувана. Горда.
Да сте живи и здрави
Да ни е Македонија вечна!