Количество од 117,5 тони шафран е испорачано од покраината Корасан Разави во првата половина од иранската година, што почна на 21 март 2019 година по јулијанскиот календар.
Шафранот се одгледува во 22 ирански покраини, но покраината Корасан Разави, Северен Корасан и Јужен Корасан во источен Иран го сочинуваат речиси 90 отсто од вкупното производство на шафран во земјата. Индустријата за шафран создаде околу 200.000 работни места, пишува иранската новинска агенција ИРНА.
Директорот на организацијата за земјоделство Јихад Корасан Разави за ИРНА изјави дека ова количество извоз на стратегискиот производ шафран од Корасан Разави покажува раст од еден отсто во однос на истиот период од минатата година.
Во првата половина од минатата година 115 тони шафран произведени во таа покраина се извезени во странство.
Ова растение се испраќа во повеќе од 50 држави. Шпанија, Виетнам, Катар и Обединети Арапски Емирати беа најголеми увозници на шафран од Иран во текот на минатата година.
Иранскиот шафран познат како „црвено злато” е магична состојка на персиската култура, од ароматична храна и шарени десерти, до телесна и духовна медицина. Скапиот зачин долго време ужива голема побарувачка и поради него имаше војна во 1374 година во Централна Европа.
Секоја година сезоната на жетва на шафранот почнува на почетокот од ноември. Додека речиси нема друга вегетација, светловиолетово цвеќе ги покрива полињата и создава извонреден пејзаж во сувите предели на Иран. Главните производители на шафран се во источниот дел на земјата.
– Ако сакате да го видите најголемиот пазар на шафран упатете се кон Мешада, што е познат и по своето верско значење. Но, ако повеќе ве интересира од каде потекнува шафранот, треба да ги посетите градовите Гонабад, Торбат Хајдеријех, Тајбад, Каф и Каен. Сите тие градови се во регионот Корасан, а сезоната на берба почнува околу 1 ноември, а трае две, најмногу три недели, пишува ИРНА.
Шафранот одамна се користи како специјален зачин во иранската кујна. Танок слој на ориз помешан со шафран се става над бел голем куп од ориз и жолчки, а најчесто се служи со пилешки ќебапи.
Иранците го ценат шафранот и умерено го користат бидејќи веруваат дека прекумерната употреба на шафран може да им наштети на нивното ментално здравје. Уживаaт во жешките денови во вкусен сладолед од шафран (Bastani Sonnati) или го послужуваат заедно со сладок пудинг (Sholeh Zard) за време на верските обреди.
Исто така прават и освежителен чај од шафран, заедно со ливчиња од цветот на розата.