Како што го решивме прашањето на продолжување на ангажманот на 74-тата генерација професионални војници на задоволство на сите, така ќе го решиме статусот и на 75-тата генерација, се наведува во реакција Министерството за одбрана на денешната прес-конференцијата на синдикатот на професионални војници.
– Не се потребни никакви прес-конференции за да не потсетат на тоа. Договорот што го постигнавме за 74-тата генерација беше плод на повеќемесечни залагања и преговарања во кои внимававме да не бидат загрозени правата и работните услови на војниците со навршени 45 години старост, во што успеавме и сега тие ја продолжија својата кариера во казнено-поправните установи, се додава во реакцијата.
Министерството потсетува дека ваквото решение беше поздравено од страна на репрезентативниот синдикат во одбраната, потенцирајќи дека со иста таква енергија и одговорност ќе пристапи и кон решавањето на статусот на следната генерација војници што ќе наполнат 45 години возраст.
– Протестот што го најавува синдикатот кој сепак претставува мала група од вкупниот состав на Армијата, не го сфаќаме никако поинаку освен вклучување во политичката кампања на одредени кругови кои сакаат да го поткопаат угледот на Армијата и на Министерството за одбрана во миговите кога не чека полноправно членство во НАТО и очите на домашната и на меѓународната јавност се вперени во нашата држава, се истакнува во соопштението.
Во реакцијата се потенцира дека Министерството за одбрана и министерката Радмила Шекеринска веќе две и пол години вложуваат континуирани напори за подобрување на условите во Армијата која се наоѓаше во незавидна состојба.
– Платите се зголемени на два пати со вкупен процент од 16 отсто, внесовме законска одредба за добивање на закупнина на сите воени и цивилни лица во месечен износ од околу 7.000 денари, потпишан е колективниот договор, вршиме постојани набавки на опрема за Армијата, набавивме над 7.200 пара нови чизми за сите војници што некои континуирано се обидуваат да го минимизираат или дури и да го поништат, а во тек е решавање на прашањето и со униформите за кои имаме строги услови кои ги исклучуваат импровизациите на економските оператори. Добро би било овој синдикат кој не е репрезентативен, да ја напушти праксата на сеење раздор меѓу професионалните војници и раководството на Министерството, бидејќи тоа никому не му служи освен на оние кои не сакаат нашата Армија да напредува и да се развива, се заклучува во реакцијата на Министерството за одбрана на денешната прес-конференција на Независниот синдикат на професионални војници на Македонија (НСПВМ).