Сакаме да видиме секторот правосудство да биде пополнет со професионалци кои ќе уживаат доверба, за кои нема да има сомнежи за нивниот интегиртет, за нивната прифесионалност, па ветингот може да биде еден од инструментите којшто може тоа да го гарантира, изјави еврокомесарката за правда Вера Јурова на прес конференцијата на првиот ден на Министерскиот форум – ЕУ Западен Балкан за правда и внатрешни работи.
„Го слушнавме искуството на Албанија како тече тој процес (ветинг) таму, тоа не е лесен процес, во Северна Македнија се уште не е започнат. Сигурна сум дека Северна Македонија ќе најде свој начин како да гарантира секторот правосудство да ужива високо почитување. Тоа е строг и логичен предуслов да порасне довербата на луѓето во судството и обвинителството“, изјави Јурова.
На форумот беше порачано дека пристапот до правдата се најважни елемнти од кои полза имаат и граѓаните и бизнисот. Ветинг во судството за после изборите најави и премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска. Според нејзе, по изборите доколку останат власт, ќе се испитува имотната состојба и влијанието од лоби и адвокатски групи во носењето и одложувањето на нивните одлуки.
Во Албанија се направи ветинг на сите судии и обвинители, односно се изврши проверка на нивните квалификации, нивниот имот и позадина, како и проверка на интегритетот и поврзаноста со организираниот криминал. Од досега вкупно 185 евалуирани судии и обвинители, 76 од нив го поминале ветингот и ја задржале својата функција, додека 80 го паднале ветингот и се отповикани. Понатаму, 29 судии и обвинители сами се откажале од овој процес, а има уште 615 судии и обвинители кои треба да го поминат процесот на ветинг.
Извор: Фокус