– Важно е ЕУ да ја поправи грешката што ја направи со тоа што не успеа да одреди датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, изјави претседателот на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер во интервју за Дојче Веле, истакнувајќи дека „стабилноста на Западен Балкан исто така значи и стабилност на цела Европа”.
Тој најавува дека на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), што ќе се одржи на 20 и 21 ноември во Загреб, една од темите за кои ќе се расправа ќе биде и прашањето за перспективата на пристапување во ЕУ за земјите од Западен Балкан, додавајќи дека ЕПП очекува Хрватска да игра важна улога за време на претседавањето со Унијата во првата половина на следната година.
– Тоа е во наш интерес. Добро е што Хрватска, во договор со Германија, која тогаш ќе претседава со Советот на Европската унија, ќе посвети посебно внимание на тој регион, изјави Мекалистер, додавајќи дека сите земји од Западен Балкан имаат отворена перспектива за членство во ЕУ.
Во интервјуто тој не сака да даде конкретен одговор на прашањето дали Хрватска може навистина да придонесе за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, со оглед на нејзината двојна улога во Босна и Херцеговина и заладените односи со Србија, што на крајот доведоа до откажување на доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ на Конгресот на ЕПП.
– На Западен Балкан сè уште има нерешени прашања меѓу земјите од поранешна Југославија. Европската унија ја поддржува политика на регионално помирување и соработка, вели германскиот европратеник.
Тој додава дека има целосна доверба во хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој, според него, е „исклучително искусен во надворешната политика” и кого „многу го цени”.
Мекалистер особено ја поздравува најавата на Хрватска, прашањето за проширувањето да биде една од главните теми на претседавањето на Хрватска со Советот на Европската унија и тоа што следниот Самит Западен Балкан – ЕУ ќе се одржи во мај во Загреб.