– Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” со претставата „Глембаеви – уште една легенда” во режија на Бранко Брезовац од денеска до 22 ноември гостува во Загреб, каде што трипати ќе ја изведе претставата која е заедничка со ансамблот на загрепскиот театар „Еуроказ”.
Претставата по текст на Мирослав Крлежа премиерно беше изведена во октомври во театарот во Прилеп. Проектот настана како резултат на долгогодишното интересирање на хрватскиот режисер Брезовец за драмата „Господа Глембаеви” од Крлежа, која досега три пати ја има поставено на сцените во Ријека, Загреб и во Прилеп.
Композитор на претставата е Никола Мицевски, сценограф Ивана Кнез, а играат осуммина актери од театарот „Војдан Чернодрински” и пет загрепски актери.
Ова е второ гостување на прилепскиот театар на „Еуроказ” – уметничка организација основана во 1987 година како Фестивал на нов театар. Станал еден од највлијателните фестивали во регионот, на кој настапиле повеќе од 300 уметнички групи од цел свет.
Фестивалот се одржуваше во континуитет од 1987 до 2013 година. Од 2006 година „Еуроказ” се оддалечува од презентациската и информативната функција и станува продуцент и копродуцент на проекти со домашни и од меѓународни уметници и партнери.
Од 2014 година продукцијата станува главна дејност на „Еуроказ” кој со македонските театри соработува од самиот почеток.