Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со eврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, кој престојува во Северна Македонија по повод учество на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, во Скопје на 18 и 19 ноември 2019 година.
На средбата беа разменети мислења за актуелни случувања во земјава и Регионот, по исходот на октомврискиот Европски совет, како и за тековните прашања во самата ЕУ. Соговорниците се осврнаа и на заедничките современи предизвици, кои наметнуваат потреба од заедничка соработка и дејствување, со особен акцент на миграцијата, а во тој контекст стана збор и за потпишувањето на Статусниот Договор за соработка на Северна Македонија со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.
Министерот Димитров повтори дека и покрај искреното жалење што не се постигнал консензус за донесување на одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија во октомври, земјата не отстапува од европскиот курс, од реформите и градењето на добрососедските односи и регионалната соработка.
Еврокомесарот Аврамопулос изрази задоволство од постигнувањата на земјата во однос на европската интеграција. Северна Македонија покажа големи заложби и напори во справување со безбедносните ризици и предизвици кои произлегоа од миграциската криза, за кои ЕУ е особено благодарна и ќе продолжи да соработува со земјата и понатаму.