Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, премиерот на Грција Кирајкос Мицотакис и лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас упатија честитки до Стефанос Циципас по неговата синоќешна победа во финалето на АТП Мастерс турнирот во Лондон, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Грција упати официјална честитка, а Мицотакис и Ципрас на Циципас му честитаа преку нивните Твитер профили.
– Со твојата грандиозна победа, резултат на твојот неспоредлив талент и нескротлива волја, од една страна потврди дека сѐ повеќе се приближуваш до врвот на светскиот тенис, а од друга страна докажа на меѓународната тениска сцена, но не само таму, што значи Грција и што значи вистински Грк, истакна грчкиот претседател.
Премиерот на Грција, на неговиот Твитер профил напиша кусо „Првак”, споделувајќи фотографија од Циципас. Мицотакис, кој за време на викендот беше во приватна посета на Лондон, во саботата од трибините го следеше мечот на грчкиот тенисер со Роџер Федерер, а веднаш по победата, заедно со неговата сопруга се сретнаа и поразговараа со Циципас.
Преку Твитер, честитки испрати и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
– Стефанос Циципас докажа дека е важен спортис, врвен на светско ниво. Честитки Стефанос Циципас за твојата голема победа! Најголема сѐ до следната…, напиша Ципрас на Твитер.
Пред два месеци, во ексклузивно интервју за МИА, 21-годишниот грчки тенисер рече дека отсекогаш посакувал да биде еден од најдобрите светски тенисери, но не очекувал тоа да се случи толку брзо.
– Да, мојата цел е број еден, но се обидувам да не размислувам многу за број еден, бидејќи тоа е како да немаш друг избор. Бројот еден е број еден и сите сакаат да бидат број еден, но треба да бидам постабилен на секојдневна основа, за да можам да играм на повеќе турнири, рече Циципас во разговор со дописничката на МИА од Атина во септември годинава.
Тогаш, за МИА откри дека Роже Федерер бил неговиот идол, а токму преку победата над швајцарскиот тенисер во полуфиналниот меч во саботата, Циципас успеа да стигне до финалето на АТП Мастерс турнирот во Лондон.