Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против С.Т.(47) и К.Н.(35), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, против Љ.Т.(57) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против ДПГТУ „КООП Инженеринг“ – ДОО Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
С.Т. и К.Н., вработени како машински, односно градежен инженер во „КООП Инженеринг“ Куманово, на 29.11.2018 изготвиле и своерачно поптишале Градежен дневник и Градежна книга со невистинита содржина дека наводно градежните работи според основниот проект ,,Реконструкција на локален пат во с.Близанци“ биле во целост завршени, иако воопшто не биле ни започнати. Инаку, за овој проект ,,КООП Инжинеринг“ Куманово, претходно било избрано како најповолен понудувач и градежните работи требало да ги заврши на 29.11.2018.
Ваквите документи со невистинита содржина, Љ.Т. во својство на надзорен орган со лиценца, назначен од страна на инсвеститорот, општина Кратово, со Писмен налог за вршење на стручен надзор над градби во општина Кратово за 2018 година, со свој потпис како вистинити ги оверил, по што изготвил и со свој потпис и печат заверил Завршен извештај и Извештај за извршен Технички преглед од надзорен инжинер за објект ,,Реконструкција на локален пат во с.Близанци“ со невистинита содржина.
Врз основа на вака изготвените документи, општина Кратово на правното лице на 28.12.2018 му исплатила 2.189.771 денари и на тој начин правното лице се стекнало со противправна имотна корист за наведената сума, а на штета на Буџетот на РС Македонија.