Народната банка отвори Порта за иновации – платформа за комуникација со финтек-секторот. Основна цел на проектот, како што информираат од Народната банка, е да се поддржи и да се поттикне развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи.
Сите компании што развиваат или применуваат иновации во финансиската сфера и притоа користат нови технологии отсега ќе можат директно и непосредно да ѝ се обратат на Народната банка за сите прашања и дилеми кои се поврзани со регулативата што го засега финтек-секторот, како и за сите свои предлози во оваа сфера, на е-адресата: porta@nbrm.mk. Секое прашање и секој предлог пристигнат преку Портата за иновации одделно ќе се разгледува од тим на експерти од Народната банка, по што ќе биде даден одговор. Доколку има потреба од поопсежна дискусија за информации доставени преку Портата за иновации, како што наведуваат од Народната банка, тимот е подготвен да остварува и одделни работни средби со претставници на финтек-секторот.
-Народната банка ќе настојува преку Портата за иновации да им овозможи на финтек-компаниите да соработуваат со неа како финансиски регулатор. Притоа, покрај давањето насоки и објаснувањето постојните регулаторни барања, Народната банка преку комуникацијата остварена во рамки на оваа платформа, постојано ќе ја разгледува потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни бизнис-решенија, односно проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без активности насочени кон прекумерно преземање ризици. Преку Портата за иновации заинтересираните компании, покрај со Народната банка, ќе можат да комуницираат и со другите регулатори на финансискиот систем, појаснуваат од Народната банка.
Во соопштението додаваат дека со воведувањето на оваа платформа, Народната банка ги следи трендовите што произлегуваат од иницијативите што ги преземаат финансиските регулатори во рамките на Европската Унија, насочени кон создавање окружување на поблиска соработка помеѓу регулаторите, постоечките финансиски институции и финтек-секторот.