– Промената на ставот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп по четири децении дека израелските населби не претставуваат кршење на меѓународното право предизвика реакции и осуда од страна на меѓународната заедница, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оцени како „големо достигнување” со кое ќе се исправи историската грешка.
– Канцеларијата на Обединети нации за човекови права го повтори ставот дека израелските населби во окупираната палестинска територија претставуваат кршење на меѓународното право, изјави денеска портпаролот на Канцеларијата, Руперт Колвил.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера изјави дека САД го отфрлаат правното мислење на Стејт департментот од 1978 година, во кое се наведува дека изградбата на населби на окупираните територии не е во согласност со меѓународното право.
– Тешката вистина е дека никогаш нема да има правно решение за конфликтот и оти аргументите за тоа кој е во право, а кој греши, како прашање од меѓународното право, нема да донесе мир, вели Помпео.
Тој исто така наведе дека администрацијата на Трамп смета дека сите правни прашања поврзани со населбите треба да ги решаваат израелските судови.
Ставот на САД за израелските населби го осуди Набил Абу Рденех портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, додека одлуката е поздравена од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Додека Европска Унија соопшти дека израелското населување на окупираната палестинска територија е незаконско според меѓународното право и оти со тоа се поткопани можностите за траен мир.
– ЕУ апелира до Израел да ги стопира сите активности со населувањето, во согласност со своите обврски како окупациска сила, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
И генералниот секретар на Арапска лига, Ахмед Абул Гејт денеска ја осуди најновата одлука на администрацијата на Трамп. Тој предупреди дека таквата одлука ќе донесе „повеќе насилство и суровост против Палестинците” и оти ја поткопува можноста за постигнување мир.
Во меѓувреме и руското Министерство за надворешни работи соопшти дека одлуката со која САД го поддржуваат правото на Израел да гради еврејски населби на окупираниот Западен Брег ја поткопува правната основа за решавање на израелско-палестинскиот судир.
Москва исто така ја осуди промената на официјалната политика на САД, предупредувајќи дека таквиот чекор ќе ги зголеми тензиите во регионот.
Во меѓувреме, Нетанјаху отпатува во Западен Брег при што истакна дека декларацијата на администрацијата на Трамп ја оцени како големо достигнување, со кое би се исправила историската грешка.
– Мислам дека тоа е прекрасен ден за државата Израел и достигнување кое ќе трае со децении, истакна Нетанјаху пред насобраните приврзаници во Ефрат, голема населба надвор од Ерусалим.
Повеќе од 400.000 еврејски доселеници сега живеат во Западен Брег, територија освоена заедно со Источен Ерусалим во војната во 1967 година.
Меѓународната заедница и Палестинците тврдат дека еврејските населби се нелегални и го попречуваат формирањето на палестинска држава. Израел тврди дека судбината на населбите најверојатно ќе се решава на преговарачка маса.
Администрацијата на Трамп донесе повеќе одлуки во корист на Израел – признавањето на Ерусалим како главен град на Израел и го затвори палестинското дипломатското претставништво во Вашингтон.
Правното мислење за населбите од 1978 година е познато како Ханселов меморандум и се заснова делумно на Жeневската конвенција за забрана на населување цивили во окупираната територија.