Српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, изјави дека извештајот на Европската комисија за спроведување на акционите планови за преговарачките поглавја 23 и 24 нема да влијае на отворањето на нови поглавја, тврдејќи дека францускиот “non pejper” не се однесува на Србија и Црна Гора кои се пристапни држави.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јоксимовиќ за Радио Телевизија Србија објасни дека францускиот предлог е „неформален документ”, кој се однесува на земјите кандидати, а Србија е пристапна држава.
-Ова тешко би се однесувало и би било тешко да се примени во преговарачките процеси на Србија и Црна Гора, кажа Јоксимовиќ, наведувајќи дека кандидати се Северна Македонија и Албанија, а потенцијални кандидати се Босна и Херцеговина и Косово.
Таа најави дека ќе разговара со францускиот амбасадор во Белград на оваа тема.
-Како и кој би измерил во која фаза сме според новата методологија, праша таа.
Јоксимовиќ и во анализата на весникот Блиц за значењето на францускиот „неформален документ” за Србија која досега има отворено 17 од 34 поглавја и затворено две поглавја, потсетува дека „не сите од регионот имаат ист статусен однос со ЕУ.”
-Европскиот совет ја дефинираше својата рамка за преговори со Србија, како и со Црна Гора. Правилата според кои се одвиваат преговорите за Србија се дефинирани со документот усвоен од 28 земји-членки во јануари 2014 година, вклучувајќи ја и Франција. Затоа сметам дека новиот пристап би бил слабо применет за земјите кои веќе ги започнале преговорите и кои се препознати како водачи на овој процес во кредибилната стратегија за проширување на Јункер од 2018 година-потенцира Јоксимовиќ.
Како што кажа, една работа е да се зборува за проширување и за методологијата за проширување воопшто и додава:
-Но, за мене од почетокот на преговарачкиот процес, главното прашање е – дали новиот изменет пристап, под претпоставка дека ќе биде прифатен од другите земји-членки, би се применил за Србија, така што досегашниот процес на преговори што го водеше Србија би бил валоризиран според овие нови правила, односно кој би ни кажал и како би измерил во која фаза сме во моментов. Останува да се види како другите земји-членки ќе реагираат на овој предлог, како и Европската комисија. Едно е да се примени новата методологија на земји што допрва треба да започнат преговори со ЕУ, а сосема е друго да се менуваат правилата со кандидатите кои веќе длабоко се вклучени во процесот на пристапување во ЕУ – апострофираше Јоксимовиќ.
Таа истакна дека Србија ќе дејствува во согласност со ратификуваната рамка за преговори со ЕУ.
– Сè додека не се случат некои промени, ние продолжуваме да ги спроведуваме своите обврски според постојната методологија. Покрај толку многу проблеми за кои зборуваше францускиот претседател, не мислам дека политиката на проширување е најголемиот камен во чевлите на ЕУ. Но, добро, ние сме заинтересирани за сè што може да го забрза процесот, иако не сум видела некои идеи кои би довеле до тоа – заклучува Јоксимовиќ.