Мали судири избија во центарот на Бејрут, додека стотици демонстранти се обидоа да ги спречат пратениците да стигнат до зградата на парламентот.
АП пренесува дека денеска треба да се одржи парламентарна седница и покрај тоа што демонстрантите се лути поради доцнењето со формирањето на влада.
Демонстрантите ја доведуваат во прашање уставноста на одржување на седница во отсуство на влада.
Стотици млади луѓе ги блокираа сите влезови во зградата на парламентот, а кога беа соочени со полицијата за брзи интервенции, жените направија бариера меѓу двете страни за да спречат судири.
Либан е во сериозна политичка и економска криза, еден месец откако започнаа протестите, потсетува „Ројтерс“, истакнувајќи дека засега нама показатели дека лидерите постигнале договор за нова влада што треба да го наследи кабинетот на Саад Харири, кој си даде оставка на 29. октомври.
Харири поднесе оставка пред бранот протести против владејачките политичари кои јавноста ги обвинува за голема корупција и туркање на Либан кон најтешката економска криза од граѓанската војна (1975-90).