Ја наследивме економијата руинирана со пад од -1.8 отсто. Се соочивме со деструктивната матрица на ВМРО-ДПМНЕ која и дене денес е против парите да завршуваат назад кај граѓаните. Денес економијата има раст од над 4 отсто, економијата по децениска стагнација е стабилизирана, истакна заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска на граѓанската трибина во Ресен.
Шекеринска се осврна и на покачувањето на платите. За неполни 2 и пол години минималната плата порасна за 5.500 денари со што годишно 60.000 денари дополнително ќе завршуваат во семејните буџети на секој работник. За 2 и пол години расте и просечната плата за над 2.000 денари.
Со одговорни политики обезбедивме пари за да вложуваме во кадрите во сите сектори. Ги зголемивме платите во здравството, особено на лекарите специјалисти, но и ги покачивме примањата на матичните доктори. 8 години платите во Армијата беа замрзнати, денес платите во одбраната растат од 3.000 до 6.000 денари, а дополнително секој припадник на Армијата добива по 7.000 денари за станарина. Платите значително пораснаа и на социјалните работници и воспитувачките и негувателките во градинките. Тоа е концептот кој дава резултат, порача Шекеринска.