Карпош е скопска општина со најголем број возрасни сограѓани, а во рамки на Неделата на грижа на стари лица, градоначалникот Стефан Богоев беше во посета на специјализираната геријатриска болница во Злокуќани.
Пред присутните Богоев зборуваше за мерките кои локалната самоуправа ги презема за поголема инклузија на старите лица во рамки на локалната заедница.
„Aплициравме до Министерството за труд и социјална политика, за проектот ‘Хумани патроли’. Со него се предвидуваат домашни посети, нега и здравствена заштита на изнемоштени и стари лица, како и на граѓани на кои им е потребна ваква поддршка. Oд следната година ќе организираме почести посети на ученици од основните училишта и деца од градинките во овие установи каде што се згрижуваат стари лица. Целта е заедно со младите да изработувате ракотворби, да се дружите и да ја унапредувате меѓугенерациската дружба“, рече Богоев при посетата на старите лица во Злокуќани.
Од Општина Карпош информираат и дека оделението за детска, социјална и здравствена заштита подготвило посебни пакети со храна, кои при денешната посета им биле донирани на лицата од одделот „Мајка Тереза“ во Злокуќани.