Премиерката на Хонгконг, Кери Лам, денеска порача дека се надева оти судирот меѓу полицијата и демонстрантите кои се забарикадирани на кампусот на Политехничкиот универзитет, може да се реши мирно, и им порача на полицајците да постапуваат хумано.
Најмалку 100 демонстранти останаа на Политехничкиот универзитет кој е под опсада на полицијата, додека 600 го напуштија, по дводневните судири во кои беа повредени најмалку 200 лица.
Лам се обрати на прес-конференција набргу откако новиот шеф на полицијата во Хонгконг ги повика граѓаните на полуавтономната кинеска територија да им дадат поддршка, по петмесечен конфликт и протести.
Лам рече дека власите во Хонгконг реагирале само на насилството на протестите, но не ја исклучува можноста за повеќе инциденти, иако повика на мир.
„Ако демонстрантите се однесуваат мирно, тогаш нема да има насилство“, рече Лам, додавајќи дека полицијата ќе мора да преземе некои активности ако учесниците во протестите прават проблеми.
Лам исто така рече дека е шокирана што кампусот на универзитетот се претворил во фабрика за оружје.
Таа додаде дека 600 демонстранти досега го напуштиле кампусот, меѓу кои и 200 кои се на возраст под 18 години.