Без создавање механизми за младинско учество во процесот на донесување на одлуки, како и нивно охрабрување за активно учество, не можеме да очекуваме напредок и просперитет и тоа е насушна потреба на секоја држава, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на завршната конференција во рамки на проектот „Оспособување на младината за активно учество во процесот на донесување одлуки”, што го спроведе Евро-атлантскиот Совет на Македонија и Амбасадата на Бугарија во Скопје.
– Во конкретниот проект се користат искуствата од соседна Бугарија со која имаме политички, социо-економски, историски и други сличности, а која, со оглед дека е членка на Европската Унија, од порано ги има апсолвирано прашањата кои ние денес ги разговараме. Во овој контекст е значајно што бугарската амбасада и финансиски го поддржа проектот што доволно зборува за перспективите за соработка, взаемна поддршка, споделување на искуства и ресурси. Убеден сум дека тоа искуство и она што беше препознаено и потврдено како добра практика ќе добие своја имплементација и кај нас, рече Пендаровски.
Истакна дека покрај донесувањето на законската рамка што ќе овозможи учество на младите во процесот на донесување на одлуки ние како општество треба да се соочиме и со еден друг и по мое мислење, поголем проблем, а тоа е апатијата и незаинтересираност на младите за општествените случувања и политичките процеси.
– Кај голем дел од нив постои разочараност и пасивизирање. Огромен процент од младите својата иднина ја гледаат надвор од својата земја и нивните планови и визија не се поврзани со нивната татковина. Во време на глобализација и зголемена мобилност дури и побогатите земји тешко можат да ги задржат младите кои се во потрага по подобри услови за живот, работа и усовршување и имаат потреба од нови предизвици. Сепак, тоа не не ослободува од обврската да обезбедиме далеку подобри услови и перспективи за нашите млади. Овде да немаме дилема: без да се слушне нивниот глас, без нивно квалитетно учество, без успешни младински политики тоа ќе биде невозможно, рече Пендаровски.
Порача да се искористат искуствата на соседите, како и искуствата на постарите европски демократии, да понудиме стратегии, насоки и препораки, да го чуеме гласот на младите, бидејќи без нив и нивното активно учество, како што истакна Пендаровски, не можеме да се надеваме на развој и благосостојба и оти без нив, нашата земја нема иднина.
Претседателот на Евро-атлантскиот совет Исмет Рамадани рече дека овој проект е во соработка со Амбадсата на Бугарија во земјата, и во тој дух Договорот за добрососедство со Бугарија е голем чекор напред во унапредувањето на нашите односи. – Членството во НАТО е цврста гаранција за поголема слобода, демократија, правда и економски развој, рече тој.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека младите мора да бидат вклучени во одлуките што ги засегаат и оти е потребен континуиран фокус кон нив и нивните потреби.
Истакна дека незадоволните заминуваат, а тоа значи, како што рече Адеми, непоправлива штета за државата која губи огромен кадровски потенцијал.
Адеми рече дека образованието е еден од факторите од кои најмногу зависи капацитетот на секоја држава.
Соломон Паси, почесен претседател на Атлантски Клуб на Бугарија истакна дека кога земјава ќе биде и физички во НАТО, членството во ЕУ ќе биде многу полесна задача.
– Ќе седите на иста маса со истите луѓе, зборувате со нив за истите проблеми, не ве третираат како аспирант како некој што чука на вратата, туку ве третираат како еднаков член. Политиката е трговија со услуги. Штом сте во НАТО вие ќе почнете да тргувате со овие услуги, ќе станете дел од семејството, истакна Паси.
Се осврна на влијанието и на Кремљ на Балканот, оценувајќи дека ова влијание се зајакнува и ја убива демократијата, поддржувајќи го популизмот.
Проектот има за цел да ги мапира проблемите и предизвиците за учество на младите во Северна Македонија, да понуди компаративен преглед за вклучувањето на младите во Бугарија, како интегрирана земја во евро-атлантските структури, и да ги адресира главните теми преку дискусии, компаративна анализа и препораки. Долгорочната цел на оваа акција е да се поттикне поголемо учество на младите во процесите на донесување одлуки преку развој на капацитети за активен ангажман на младите и преку поттикнување поголема мобилност и соработка. Покрај ова, акцијата е насочена кон зголемување на
разбирањето за НАТО и ЕУ и изградба на позитивен став за унапредување на евроатлантските вредности.