Премиерот во оставка на Косово Рамуш Харадинај вели дека неговата држава не смее да го прифати формирањето на таканаречниот мини-Шенген, за што се заложија премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, затоа што тоа ќе значи „ширење на руското и кинеското влијание на Балканот”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Харадинај, создавањето на една таква зона во балканскиот регион е спротивно на интересите на Косово, но и на Европа.
– Мини-Шенгенот, во кој не повикуваат Вучиќ, Рама и Заев е само ширење на руското и кинеското влијание на Балканот. Тоа не е во интерс на Косово и Европа. Русија и Кина се инсталирани во Белград во сите аспекти. Кога ние ќе ги прифатиме тие правила, по автоматизам тоа влијание се шири и на нашите земји. А дали има интерес Косово тоа влијание да се прошири на Косово? Не! Тоа секако не е во наш интерес, изјави Харадинај по средбата со министерот за одрбана на Италија Лоренцо Гуерини.
Гостинот од Италија, Гуерини, попладнево беше примен од вршителот на должноста косовски премиер, откако денеска во Приштина присуствуваше на примопредавањето на командата на мировните сили КФОР, при што италијанскиот генерал Лоренцо Д’Адарио му го предаде раководењето на меѓународната мисија на својот сонародник, генерал-мајорот Микеле Риси.