Околу 3.000 вработени во Националната железница на Канада, најголемиот железнички оператор во земјата, денес излегоа на штрајк поради неуспешните преговори со менаџментот за новиот колективен договор, соопштија од синдикатот „Тимстерс Канада“.
„Кондуктерите, возачите и работниците за одржување на возовите и пругите на канадската Национална железница сега се и официјално во штрајк“, објави синдикатот на „Твитер“, пренесува „Ројтерс“.
Канада, еден од најголемите извозници на земјоделски производи во светот, се потпира на своите две најголеми железнички компании за транспорт на канола и пченица на долги растојанија – од фармите на запад до пристаништата. Превозниците на сурова нафта од Алберта исто така сè повеќе користат возови за испорака на рафинериите во САД како алтернатива на пребукираните нафтоводи.
Синдикатот во саботата ја извести компанијата за стапувањето во 72-часовен штрајк откако преговорите се најдоа во ќор-сокак. Ова е прв штрајк на канадската национална железница во последните 10 години.