Секторот за санитарна контрола на ЈП Водовод и Канализација – Скопје продолжува со реализација на едукативно-информативните средби за децата од различни возрасти, со цел запознавање со методите, постапките и начините на работа при контрола на квалитетот на водите за пиење во Скопје како и контролата на површинските води кои се реализираат секоја година.
Последната средба беше на ден 19.11.2019, со учениците oд трета година од гимназијата Зеф Љуш Марку од Скопје. При посетата учениците беа запознаени со историјатот на водоснабдувањето на Скопје и сегашните состојби, со интегрираниот систем за контрола на квалитет на водите согласно МКС ИСО 17025:2018 и МКС ИСО 9001 во лабораториите. Александар Николоски, менаџер за квалитет и примена на стандарди, ја водеше оваа сесија. Учениците ги посетија и се запознаа со работата на микробиолошките лаборатории предводени од Наташа Манолева, раководител на лабораториите. Работата во лабораториите за хемија на питки и површински води беше презентирана на учениците од раководителот на истите Билјана Петровска. На овој начин учениците имаат можност одблизу да видат со кои методи и која аналитичка опрема се следи квалитетот на водите и да добијат одговори на своите прашања во врска со целокупната работа на Секторот за санитарна контрола.