Шилегов: Градот го оставивте со долг од над 40 милиони евра
Петре Шилегов на ТВ-дуелот со Коце Трајановски на Канал 5 вечерва изјави:
– Кога го добив мандатот за градоначалник, Јавното претпријатие ,,Улици и патишта” имаше две неисплатени плати во континуитеt, а над 96 милиони денари долг. Во моментов, сите плати на вработени се исплатени и долгот на ,,Улици и патишта” во моментов е под 40 милиони денари. Притоа „Фаповите” што ни ги оставивте се постари од 40 – 50 години, се заменети. Во Јавното претпријатие имаше само два камиони нови купени за 8 години, му врати Шилегов на Трајановски.
Тој нагласи дека кога дошол за градоначалник, наишол на над 40 милиони евра долгови, на ниво над еден градски буџет.
Трајановски реплицираше дека бројката не е точна и дуелот се „вжешти“.
– Вие може да викате дека не е точно, јас стојам зад тоа. Ако му веруваме на раководителот на секторот финансии, тој е долгот. Истиот е што беше и во ваше време, го немам сменето. Во моментов сите плати се исплатени. Во Водовод имаше над 8 милиони евра непрокнижен кредит, за новата зграда. Сега го книжиме кредитот. Вие за да прикажете дека Водовод има позитивни биланси, не го книжите кредитот. Во Паркови и зеленило има долг над еден милион евра. Во Комунална хигиена не знам зошто, сте помислиле дека требало да се замени и плус да се доплати. Во овој момент, Комунална хигиена нема ниту еден долг. Комунална хигиена исплаќаше 72 милиони денари. Наследив ситуација во која 18 милиони евра дозволил поранешниот градоначалник да се потрошат на фасади. Фасадите се направени само однадвор, од внатрешната страна зградите се лом – рече Шилегов.
Трајановски одговори дека внатрешниот дел на фасадите требало да се направат во втората фаза, не кажувајќи кога требало да биде таа втора фаза.