По повод Светскиот ден на детето, денеска во Домот на Армијата беше организирана свеченост на која настапија деца од повеќе градинки и училишта кои испратија порака за еднакви права на сите деца.
Народниот правобранител Иџет Мемети во кусото обраќање на свеченоста рече дека ова е добра можност носителите на власта и на одлуки да се потсетат дека децата и нивните интереси мораат да имаат приоритетно значење и дека тие секогаш треба да внимаваат на заштитата на правата на децата.
– Денеска на одбележувањето на Светскиот ден на детето и 30 години од усвојувањето на Конвенцијата за правата детето на ОН, институцијата Народен правобранител тргнувајќи од четирите основни принципи на конвенцијата, правото на живот, опстанок и развој, недискриминација, учество и најдобар интерес на детето, избра да го одбележи овој голем ден на начин што вие децата ќе го имате главниот збор, а ние повозрасните ќе слушаме. Ме радува што овој настан со свое учество и присуство го збогатуваат голем број деца од детски градинки, основни и средни училишта и тоа што пројавиле интерес преку барање од децата за детските права да се обратите до оние кои одлчучуваат за вашите права, рече Мемети.
Денешниот ден, нагласи тој, е добра можност да ги потсетиме носителите на власта и тие што донесуваат и носат одлуки дека децата и нивните интереси мораат да имаат приоритетно значење, а при донесувањето на одлуките кои се однесуваат на децата секогаш внимателно да оценат како тие ќе се одразат во животот на децата.
– Одговорноста за почитувањето, остварувањето и заштитата на правото на детето е наша, на возрасните, тргнувајќи од оние кои носат одлуки и применуваат прописи, па се до оние кои се грижат за децата. Иако сте деца вие сте нашите следбеници, важни чинители на нашето општество, рече Мемети.
Настапот на децата го проследи и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој подоцна пред Собранието ќе ги прими нивните барања.