Македонија припаѓа во Европската Унија и затоа барам од вас да ја извршите својата улога во ширењето на оваа порака. Нашата сегашна социјалдемократска влада не заслужува позитивен стимул од европските метрополи и Брисел, но нашите граѓани го заслужуваат тоа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето на самитот на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува во Загреб.
„По 12 април, бидете уверени дека проевропската влада ќе ги поттикне реформите и трансформативните промени во нашето општество. Ќе побарам од вас, како моја последна упатена порака, ЕПП како најсилно политичко семејство во Европската Унија да биде носителот на Македонија на патот кон членството во Европската Унија“, рече тој.
Во последните три години, истакна Мицкоски, нашата нација ја води социјалдемократскиот премиер, чија Влада, како што рече, е синоним за раширена корупција.
„Дневните активности на оваа Влада вклучуваат непочитување на владеењето на правото, целокупна политизација на нашето општество и неспособност да се создадат економски и социјални промени за 21 век. Сепак, тие се фалат секојдневно за тоа колку се транспарентни. Се согласувам дека не сум видел потранспарентно корумпирана влада на кое место било во светот. Тие не ја негираат корупцијата, туку се надеваат дека ќе добијат дополнителен ден од нивниот мандат за да ја продолжат“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека улогата на ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија е да донесе значителна и опиплива промена за граѓаните и дека по изборите, има цел да формира стабилна влада, ориентирана кон Европската Унија.
„Ние како Македонци му припаѓаме на европското семејство и ги споделуваме европските вредности. Со поддршка на нашето ЕПП-семејство, ќе го стопираме егзодусот на нашите најбрилијантни млади луѓе; ќе се справиме со екстремните нивоа на загадување; ќе ги намалиме даноците, ќе ја стимулираме економијата и ќе го поттикнеме претприемаштвото. Ние мора да го европеизираме нашето општество однатре – затоа што ова е единствениот начин да ја поставиме нашата нација на брз пат кон членство во Европската Унија“, рече тој.