Aктерката Таска Балабанова, чиј глас беше беше бренд на Македонското радио и на цртаните филмови со кој израснаа многу генерации, почина во Скопје по долго и тешко боледување. Имаше 85 години.
Родена во Велес, Балабанова актерската кариера ја почна во некогашниот Младинско-куклен театар од кој во 1965 е формиран Драмскиот театар. Од театарот прејде во Радио Скопје, каде до пензионирањето работеше како радиоактерка и го позајмуваше гласот во бројни радиодрами, во „Веселата емисија“, „Лирското интермецо“, култната серија „Хихирику“. Нејзиниот глас останува запаметен и како ликот Олива во цртаниот филм „Попај морнарот“, како и насинхронизациите во цртаната серија „Штрумфови“.
Играше и во филмовите и тв сериите „Средба“, „Едно лето“, „Илинден“. „Време на летала“, „Трето доба“, „Мугра“, „ Македонски народни приказни“ и „Време – живот“, а ги снимаше и првите реклами во 1950-те години. Издаде и интерпретации на приказни за деца.
Балабанова ќе биде погребана в петок во 10,30 часот на градските гробишта во Бутел во Скопје.