Веган од САД поднесе обвинение против Бургер кинг во врска со производството на веганскиот хамбургер „Импосибл вупер”. Според тужбата, сендвичот бил во допир со оние со месо и тоа претставува измама на потрошувачите. Филип Вилијамс од сојузната држава Џорџија, е веган кој не јаде и не пие животински производи. Пред федералниот суд во Мајами, Флорида, тој изјави дека нарачал плескавица од зеленчук, при што му било кажано дека хамбургерот се печел на иста скара како и оние од пилешко и говедско месо.
Натаму, тој нагласува дека не би ја нарачал плескавицата ако знаел дека е „загадена” со траги од месо или печена во контакт со месни производи. Синџирот за брза храна со седиште во Мајами, на интернет го рекламира својот растителен производ со тврдење дека не содржи говедско месо. Во сендвичот, инаку, има домати, зелена салата, мајонез, кечап, краставици, кромид и семе од сусам. Без мајонез, овој вегетаријански хамбургер би се сметал за вегански.
Во тужбата се тврди и дека Бургер кинг имал финансиска корист од „невеганската понуда” за веган.
Бургер Кинг одби да ја коментира тужбата, но потоа на својата интернет-страница понуди хамбургери без никаков допир со месо. Компанијата Импосибл фудс, која ги произведува плескавиците од зеленчук, во декларацијата вели дека производот не е наменет за вегани или вегетаријанци, туку за љубители на месо кои сакаат да го намалат вносот на протеини од животинско потекло.
Тужителот бара отштета од најмалку пет милиони долари.