Во Битола е отворен почесен конзулат на Република Албанија, а за почесен конзул е именуван Имер Селмани.
„Денес, во градот кој е претпознатлив по конзуларните претставништва, го имаме 10-тиот почесен активен конзул на Република Албанија, господинот Имер Селмани, кој на мое задоволство од денес официјално е назначен на оваа позиција. Ме радува што ова практично ни отвора можности за многу подлабока соработка на двете држави, отворање на границите на соработка на ниво на локалните самоуправи, благодарение на тоа што веќе имаме почесен конзул кој ќе го олеснува целиот овој процес“, рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
Селмани испрати порака дека Битола е град на конзулите и е место со посебна историја.
„За Албанците, многу е важен како град затоа што пред 111 години преродбениците тука ги ставија темелите на новата азбука, модерната албанска азбука, која и денес се употребува. Градот Битола има голем придонес во создавањето на самата азбука, а со тоа и Албанците и Македонците, кои денес тука живееме, заедно со Власите и сите други етникуми, се гордееме на минатото, а со овој чекор, со труд и работа, сите ќе се трудиме да придонесеме и за нашата иднина затоа што имаме заедничка цел – да имаме подобро место за живеење под едно сонце, во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија“, посочи Селмани.
Ова е десеттиот почесен активен конзулат во Битола, во кој работат и два генерални конзулата.