Со неверојатна леснотија многу често се скокаат фактите во политичката борба за освојување на власта, па така, деновиве бевме сведоци дека за Христијан Мицкоски договорот со Грција за промена на името не бил услов за влез во НАТО, пишува Теофил Блажевски, во рубриката „Контраспин“ во „Вистиномер.мк“.
Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле го изрече следниот спин:
Спин: Го обезбедија членството во НАТО.
Мицкоски: Членството во НАТО е работа која што е започната од многу порано, уште во 2008 година.
(DW): Услов беше решавање на спорот за името.
Мицкоски: Не би рекол дека тоа беше услов.
(DW): Генералниот секретар на НАТО во секоја изјава повторуваше дека без решение на спорот меѓу Грција и Македонија, членството е невозможно.
Мицкоски: Не можам да се сложам дека е благодарение на тој Договор, но да, се бараше од страна на НАТО решение за проблемот кој што го имавме со нашиот јужен сосед.
[Извор: DW – Мицкоски: Заев го чека пораз и одговорност, 14.11.2019]
Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле објавено пред неколку дена ја изврте вистината околу зачленувањето на Македонија во НАТО.
Имено, на констатација на новинарката дека договорите на Република Северна Македонија со Бугарија, а особено со Грција за промена на името и за други елементи на градење добрососедство и пријателство го обезбедија членството во НАТО, Мицкоски прво извртува со реченицата „нe би рекол дека тоа беше услов“, за потоа, бледо да признае:, „…да, се бараше од страна на НАТО решение на проблемот којштo го имавме со нашиот јужен сосед“.
Вистина е дека Мицкоски како лидер на опозиција има право да ги претставува своите политички противници во најлошо светло, но, пред сè и над сè, во тоа свое политичко патешествие на јавната сцена во земјата, не би требало да ги негира фактите.
Затоа, сосема накратко, еве ги фактите.
Самитот на НАТО во 2008 година се одржа во Букурешт на почетокот на април. На самитот беа поканети да присуствуваат и тогашните земји кандидатки за членство Албанија, Хрватска и Република Македонија.
Како претставници од тогашна Република Македонија во Букурешт допатуваа ден пред самитот тогашниот претседател Бранко Црвенковски и тогашниот премиер Никола Груевски.
За неупатените, тука го исклучуваме Мицкоски, тогашниот државен врв – претседателот Црвенковски и неговата партија од која што потекнуваше СДСМ и тогашниот премиер Никола Груевски и неговата партија што ја претставуваше, ВМРО-ДПМНЕ, имаа постигнато таен договор, дека ако нешто запне со приемот под референцата ПЈРМ, РМ може да се обврзе да го реши проблемот со Грција со името, со решение „Република Македонија (Скопје)“ и тоа за надворешна употреба. Ова никогаш официјално не е потврдено, но во одделни интервјуа сведоци во политиката во тоа време го кажуваат. Всушност, станува збор за предлог на медијаторот на ООН, Метју Нимиц даден еден месец пред самитот, во март 2008 година.
Ден пред финалните одлуки на самитот, на 2-арпил, тогашниот американски претседател Џорџ Буш даде изјава во која вели:
Во знак на признание за нивниот напредок, утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на три балкански нации: Хрватска, Албанија и Македонија. Соединетите држави силно ја поддржуваат поканата на овие нации да влезат во НАТО. Овие земји го поминаа тешкиот пат на реформите и изградија слободни просперитетни општества.
Откако Македонија не беше примена, а за тоа немаше консензус поради блокадата од Грција, НАТО на 3-ти април издаде Декларација од Самитот во која во точка 20 го пишува и следното:
Се согласивме дека поканата за Поранешна Југословенска Република Македонија ќе биде продолжена сé додека се постигне взаемно прифатливо решение за проблемот со името. Ние ги охрабруваме преговорите да продолжат без одложување и очекуваме тие да бидат завршени што е можно поскоро.
Изминаа уште десет години до самитот на НАТО минатата година, на кој земјата доби официјална покана да стане членка и го потпиша пристапниот протокол, кој сега е во финална фаза на ратификација. Поканата уследи веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, на самит на НАТО во јули 2018, а потпишувањето на протоколот откако земјава го промени името, во на 6-ти февруари годинава.
Оттука, иако во еден момент имаше критика од НАТО дека заробената држава во времето на Груевски ја оддалечува земјата од НАТО, сосема е јасно дека единствен реален проблем за членството беше договорот со Грција. Затоа, изјавата на Мицкоски што ја оценуваме е чисто извртување на вистината, т.е. спин. И тоа е континуитет на ставот што ВРМО -ДПМНЕ под водство на Мицкоски го имаше лани, ден по самитот на НАТО и поканата за потпишување на протоколот за НАТО веднаш кога ќе се финализира ратификацијата на „Преспанскиот“ во Парламентот, по што беше изречен спинот: дека Заев ја лажел јавноста и дека Македонија не добила ништо повеќе од она што го добила 2008 година.