Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија годинава по 16-ти пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата.
Овој ден, востановен од УНЕСКО, секоја година се одбележува третиот четврток од месец ноември, и се слави низ целиот свет, со фокус на филозофијата и нејзините придобивки.
„Како и во изминатите пет години, годинешното чествување на Светскиот ден на филозофијата ќе биде отворено со пригоден Мал концерт на трио гитари од Факултетот за музичка уметност“, информираат од Филозофското друштво на Македонија.
По концертот ќе следува традиционалната „Беседа за филозофијата“, годинава со професор Владимир Давчев, професор на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, кој ќе говори на тема „Треба ли да стравуваме од вештачката интелигенција: филозофски дилеми“.
Во продолжение ќе бидат презентирани резултатите од проектот на Институтот за филозофија: „Теориска и практична надградба на предметните програми од филозофскиот корпус предмети (Филозофија, Логика, Етика, Естетика) за средно образование“ од страна на неговите носители – професорката Јасмина Поповска, професорот Дејан Донев и прогесорката Марија Тодоровска.
Потоа ќе следи промоција на 25. издание на националното филозофско списание „Филозофска трибина“ за кого пригодна промотивна реч ќе одржи професорот Мирко Ѓошевски.
Централен настан на прославата ќе биде симпозиумот на тема „Човекот како мера: 2.500 од раѓањето на Протагора“ во којшто во две блок сесии ќе земат учество четиринаесет реномирани филозофи, професори и истражувачи од земјата и странство: академик Витомир Митевски, професор Иван Џепароски, професор Мирко Ѓошевски, професор Радомир Виденовиќ, докторанд Слободан Марковиќ, професор Љубомир Гајдов, магистер Душица Ѓокиќ, професор Ѓорѓе Младеновски, доктор Бошко Караџов, професор Јасмина Мојсиева-Гушева, професор Марија Тодоровска, емеритус професор Самуел Садикарио, прогесор Ана Кечан и доктор Симо Георгиев.
Одбележувањето ќе се одржи во четврток (21 ноември) во Свечената сала на Филозофскиот факултет, со почеток во 9:30 часот и е отворен за пошироката публика и за сите љубители на филозофијата коишто ќе можат да се вклучат во општите дискусии со излагачите со свои прашања и размислувања за отворените теми.