– Амбасадорите на Квината во текот на разговорите со членовите на Претседателството на БиХ за Програмата за реформи во БиХ изјавија дека се консултирале со НАТО и дека Алијансата ќе ја прифати реформската програма од БиХ што нема ништо да активира и нема да го менува статусот на МАП-от ( Акциски план за членство), пренесуваат босанските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори.
Во текот на состанокот повеќепати било повторено дека овој документ јасно го прецизира усогласениот принцип на соработка со НАТО, а дека секоја евентуална одлука за членство ќе подразбира посебна одлука на Претседателството на БиХ и Парламентарното собрание на БиХ.
-НАТО ќе го прифати овој документ што не активира ништо и не го менува статусот на МАП-от, потврди амбасадорот на САД во БиХ, Ерик Нелсон, на вчерашниот состанок на кој документот Програма за реформи во БиХ е усогласен и анализиран со амбасадорите и кој Претседателството на БиХ ќе го испрати во Брисел.
Според наводите на босанските медиуми, Програмата за реформи не е АНП (Годишна државна програма) туку во неа јасно се зборува дека не се прејудицира членството во НАТО.
Амбасадорите нагласија дека Програмата за реформи ја дефинира соработката на БиХ со НАТО, што е прифатлива за сите.
Според сознанијата на медиумите во БиХ, српскиот член на Претседателството Милорад Додик повеќепати повторувал дека нема да го прифати Акцискиот план за членство, па дури и директно ги прашал бошњачкиот и хрватскиот колега од Претседателството, како и амбасадорите „дали е тоа Акциски план”.
Американскиот амбасадор Ерик Нелсон констатирал дека се консултирале со НАТО и дека ќе ја прифатат реформската програма од БиХ.
-НАТО ќе го прифати овој документ што не активира ништо и не го менува статусот на МАП-от, дециден е Нелсон , додека одговорот на Додик беше дека доколку добие таков одговор од НАТО тогаш тој го прифаќа документот.