Превентивната акција „Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата!” која по повод Светскиот ден на Сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди ја организира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), денеска продолжи со реализација на превентивно-едукативни активности во Битола.
РСБСП во соработка со Секторот за превенција при СВР Битола и Здружението на моторциклисти „Ѓорги Стефановски”, денеска во Битола организира повеќе јавни настани со цел подигање на свеста за последиците од сообраќајните незгоди и едукација на учесниците во сообраќајот за потребата од целосно и безусловно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Во таа насока, како што соопшти РСБСП, покрај превентивната акција за дистрибуција на сообраќајно-едукативни материјали, беше организирано и едукативно предавање за учениците од СОУ „Таки Даскало”- Битола на кое учениците беа едуцирани за ризиците и опасностите кои ги демнат младите возачи во сообраќајот.
Во помен и сеќавање на лицата кои ги загубиле животите во сообраќајни незгоди, а со цел да се сврти вниманието на учесниците во сообраќајот и симболично да се укаже дека човечкиот живот може многу лесно да се загуби доколу не се почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, учениците од „Таки Даскало” пуштиле црни балони на улица „Димитар Илиевски-Мурато”.
– На денешниот настан сакаме да испратиме порака во која укажуваме на потребата дека сите учесници во сообраќајот треба заеднички да водат грижа за сопствената безбедност во сообраќајот, но и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Ако го издигнеме етичкиот кодекс во сообраќајот на повисоко ниво, значително ќе ги намалиме ризиците и заканите во сообраќајот. Во таа насока, посебно важна е улогата и однесувањето на младите кои се стекнуваат со право за управување на моторно возило бидејки, според статистиката, сообраќајните незгоди претставуваат водечка причина за смртност на младата популација, истакна претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска.
Како што соопшти РСБСП, годишно, на светско ниво, 1,3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, од кои 400.000 се млади лица на возраст до 25 години, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Ваквата состојба потврдува дека безбедноста во сообраќајот е сериозен предизвик не само во земјава туку и на светско ниво.
Со цел да се издигне на повисоко ниво свеста за последиците од сообраќајните незгоди и со цел намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди, РСБСП и во наредниот период ќе продолжи со интензивни сообраќајно-едукативни активности насочени кон сите групи на учесници во сообраќајот и кон сите ризик фактори кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, се наведува во соопштението.