Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес во Брисел учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, кој претставува подготвителен состанок пред декемврискиот НАТО Самит во Лондон.
На состанокот министерот Димитров имаше прилика да ја изнесе важноста која нашата земја му ја придава на членството во НАТО и да ги претстави позициите на Република Северна Македонија по однос на актуелните прашања за единството и безбедноста на трансатлантската заедница. МНР Димитров ја акцентираше посветеноста на нашата држава на темите од клучно значење за Алијансата: праведна распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, концептите на НАТО за одвраќање и одбрана и за проектирање на стабилност, контрибуција во меѓународните операции, справување со неконвенционалните безбедносни закани и др.
Министерот Димитров изрази задоволство од динамиката и брзината со која се одвиваат националните процедури за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО, со што се исполнуваат заедничките очекувања на нашата земја и на сојузниците дека наскоро и формално ќе станеме членка на Алијансата. Притоа потсети дека речиси дведецениското силно партнерство меѓу нашата земја и НАТО е потврда за нашата детерминација и посветеност кон операциите и мисиите на НАТО, како и за прилагодувањето кон пристапот на НАТО за одговор на заканите во размер од 360 степени.
МНР Никола Димитров на состанокот реафирмираше дека Северна Македонија и како идна земја членка на НАТО ќе продолжи со напорите за развивање на националните капацитети во склад со заедничките способности на НАТО и на линија на политиките и потребите на Алијансата. Министерот укажа дека со влегувањето во НАТО, Северна Македонија ќе придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и ќе демонстрира одлучност во креирање на отпорна безбедносна средина, способна да се соочи со потенцијалните предизвици како во рамки на регионот, така и во поширокиот трансатлантски простор.
Во рамки на работната посета на Брисел, на маргините на состанокот на НАТО, МНР Никола Димитров оствари средби со високи претставници на Алијансата како и со повеќе колеги министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО: заменик-генерален секретар на НАТО – Мирчеа Џоана, МНР на Франција – Жан Ив Ле Дриан, МНР на Португалија – Аугусто Сантос Силва, МНР на Бугарија – Екатерина Захариева, МНР на Грција – Никос Дендиас, МНР на Луксембург – Жан Аселборн, МНР на Словенија – Миро Церар, МНР на Словачка – Мирослав Лајчак, МНР на Чешка – Томас Петжичек, МНР на Данска – Јепе Кофод, МНР на Полска – Јачек Чапутович и со МНР на Унгарија – Петер Сијарто.
На средбата со Заменикот генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана беше истакната подготвеноста на Алијансата на Самитот во Лондон да ја максимизира видливоста на лидерството, визијата и напорите кои Северна Македонија ги постави за исполнување на НАТО стратешката цел.
И покрај доминатниот фокус на НАТО прашањата, министерот Никола Димитров ја искористи можноста и на овие средби да обезбеди натамошна поддршка за позитивен исчекор и во поглед на нашата европска агенда. Средбата со грчкиот колега Никос Дендиас беше искористена и за подготовка и координација на активностите поврзани со претстојната посета на МНР Дендиас на Скопје, следната недела во вторник на 26 ноември.