Бесплатно вакцинирање против сезонски грип со кое се опфатени постари лица на возраст над 65 години, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години и хронично болни, почнува утре во центрите за јавно здравје, каде ќе се одвива во две смени, како и во поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и во Чаир, каде ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот. Бесплатното вакцинирање против сезонски грип во Центарот за јавно здравје – Скопје ќе се одвива и во сабота од 7 до 14 часот.
Станува збор за вакцини од реномирани странски производители, меѓу кои 27.000 вакцини се од „Mylon Abot”, а 1.000 вакцини од „Sanofi”.
Бесплатното вакцинирање против сезонски грип денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со директорите на Здравствен дом – Скопје, Виктор Исјановски и Бесим Кока ја посети Поликлиниката Букурешт.
– За оваа сезона набавивме 28.000 вакцини од кои 27.000 се за возрасни, а 1.000 се за деца. Потребно е секој кој е заинтересиран и влегува во една од овие групи да закаже преглед преку системот „МојТермин” кај матичниот лекар и бесплатното вакцинирање ќе се спроведе во еден од трите пунктови во рамките на Здравствениот дом Скопје, во поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петрови и во Чаир. Дополнително на овој број набавени се уште 20.000 вакцини во рамки на центрите за јавно здравје, каде кој било граѓанин може комерцијално да ја купи вакцината и да биде вакциниран, рече Филипче.
Апелираше да се вакцинираат сите кои влегуваат во овие ризични групи, поради тоа што станува збор за модерна четиривалетна вакцини која ги покрива сите можни причинители на грипот кој според епидемиолошките карактеристики се очекува да владее во регионот и во нашата земја.
– Ова претставува ефикасна заштита посебно за хронично болните и постарите лица. Ова е втора година во која Министерството за здравство одвојува посебна сума средства за да обезбедиме вакцина за заштита од грип, додаде Филипче.
Директорот на Здравствениот дом – Скопје, Виктор Исјановски рече дека трите поликлиники каде вакцинацијата ќе се одвива од понеделник до петок од 14 до 18 часот и ќе бидат покриени со екипи од превентивната заштита.
– Од денеска „МојТермин” е отворен и има закажувања и од утре екипите ќе почнат со работа. Точната бројка вакцини е меѓу 2.500 и 2.800. Овие тимови ќе бидат дополнително платени, додаде Исјановски.
Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека проценката за количината вакцини против грип била направена врз основа на интересот од минатата година и сметаат дека ќе биде доволна.
– Најавена е една донација вакцини од Центарот за истражување во САД преку една нивна фондација и ако е потребно ќе стигнат во нашата земја. Сметам дека нема воопшто простор да се плашиме дали ќе има или нема да има вакцини. Во однос на интересот во текот на вчерашниот ден околу 6.000 луѓе се пријавија да ја примат вакцината, истакна Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање тој потенцира дека ако се наметне потреба секое лице кое е неподвижно и спаѓа во ризичните групи на што ќе укаже матичниот лекар, може да се јави на телефонскиот број 194 во Службата за Итна медицинска помош, кои ќе организираат негов транспорт до местото каде се врши вакцинацијата.
– Нема да има вакцинирање на друго место освен во пунктовите и во центрите за јавно здравје, додаде Филипче.