Недостигот на лекови се јавил поради пропаѓање на два тендери на кои веледрогериите понудиле премногу висока цена. Како што неофицијално дознаваме, на јавното наддавање двете фирми кои се пријавиле воопшто не наддавале, туку понудиле превисока цена, наместо 60 денари по таблета колку што било на претходните тендери, тие побарале 1.500 денари. Во понеделникот, според информации на „Фокус“, пациенти сведочат дека биле вратени од Клиниката за хематологија без да добијат лек. Во средата им била дадена терапија, но само за оваа недела.
Неофицијално клиниката добила дозвола од Бирото за јавни набавки тендерот да се спроведе со договарање во четири очи, за да се спречи повторно да пропадне. Лекот Иматиниб, беше ставен на позитивната листа на лекови пред десетина години по многу притисоци од пациентите и медиумите. Цената на лекот на почеток беше многу висока бидејќи го произведуваше само една фармацевтска компанија, се до моментот кога се појавија повеќе производители, по што цената падна.