Претседателот Стево Пендаровски смета дека би било наивно и премногу симплифицирано, вината за сите дефекти во општеството да се сведува на еден човек. Пендаровски во интервју за БИРН нагласува дека застарувањето на делата покажува оти системски работите не се добро поставени.
-Сите што се разбираат макар малку во правосудството, знаат дека како што застарува предмет, во кој се инволвирани многу луѓе, адвокати, судии, поротници, медиуми што следат, за да застари таков предмет, не треба да се договориш само со еден човек. Не може само со еден човек да го застариш случајот! Повеќе луѓе и институции се инволвирани и јас не би го апострофирал само судијата, (не му го знам ниту името) кај кого конкретно застарел случајот, вели Пендаровски во интервјуто.
Тој нагласува дека амбицијата во неговиот мандат е да се напушти праксата претседателот да биде доживуван како промотор и понекогаш како непринципиелен заштитник на партијата што го кандидирала. -Мислам да бидам мост меѓу власта и опозицијата и да бидам политичка позиција поставена над партиите, вели претседателот, кој во интервјуто дава коментар за состојбите во правосудството.
За него тие се клучни од аспект на евроинтеграциите. Тој ја повтори својата запрепастеност од застарувањето на случајот за Груевски во „Траекторија” и од бегството на поранешниот премиер.
Пендаровски останува на ставот дека „системски работите не се добро поставени” инсистирајќи исто така на тврдењето дека за бегството на Груевски не може да биде одговорен само еден човек.
-Не е само еден човек тој што пропуштил да забележи дека се организира бегството на Груевски. Нему, по законот што тој го донесе во свое време, дадени му се неколку инспектори да го чуваат. Само тука не е еден човек во различни смени, додава Пендаровски.
-Јас тврдам, повторувам, само еден човек не може да го организира бегството”, вели тој.
Тој во интервјуто го повторува ставот дека мал Шенген не смее да биде замена за европските интеграции, а лошата проценка на тоа дека ќе добиеме датум за почеток на преговори, тој смета дека се темели на тоа што Владата и тој немале изворна информација од Елисејската палата.
-Министер од друга земја-членка во неврзан муабет ми гарантираше дека Франција нема да блокира. Рече нема шанси, вели Пендаровски.
Во врска со францускиот нон-пејпер Пендаровски истакна дека македонската јавност пропушта да го види најважниот елемент од документот – дека Франција предлага новата методологија да биде усвоена во јануари, што имплицитно остава простор за оптимизам околу датумот до пролет.
-Макрон ми рече – ние сакаме во наредниве месец до два да го понудиме тоа, да добиеме инпут од другите земји-членки и да го усвоиме не подоцна од март, вели тој оставајќи, сепак, резерва околу одлуките на другите земји-членки околу францускиот предлог.
Претходникот Ѓорге Иванов, во наследство му оставил и преполн кабинет, меѓу кои има и луѓе од доверба на Никола Груевски. Вработувања во кабинетот на Водно имало и по потпишувањето на Пржинскиот договор. Пендаровски како соработник на Трајковски и Црвенковски се потсетува дека во различни периоди во претседателскиот кабинет имало до 37 вработени. Сега се 61.
-Многу е зголемен бројот на вработени, а буџетот е ист како пред пет години – милион и 150.000 евра, додава Пендаровски во интервјуто за БИРН, кое го пренесува МИА.