Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска истакна дека на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од него добил уверување дека приклучувањето на Република Северна Македонија во Европската унија и НАТО е приоритет за неговата партија.
– Вчера одржав средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој ме увери дека приклучувањето на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО е приоритет за ВМРО-ДПМНЕ, напиша Борисов на својот Фејсбук профил, кој вчера и денеска во Загреб учествуваше на Конгресот на Европската народна партија.
Борисов нагласи дека за да може една земја непречено да чекори на патот на интеграција во двата сојуза, сите партии треба да се согласни за тоа.
– Антибугарската реторика не само што треба да биде забранета, туку тие треба да се уверени дека тоа не е во ред. Ние не сме биле окупатори на никого. Читањето на историјата е такво какво што историчарите го кажале, а ние како такво со векови сме го прифаќале. Ако сакаат да одат напред, јасни се вредностите што треба да ги почитуваат, вели Борисов.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на маргините на Конгресот на ЕНП се сретна со премиерот на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Борисов, кој објави видео од средбата на својот ФБ профил, кое пак потоа предизвика различни реакции во земјава.
Во официјалното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека на средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Македонија, односите помеѓу двете држави, но и европската перспектива на Македонија. Мицкоски, како што соопшти опозициската партија, истакнал дека „членството во ЕУ е од стратешки интерес за Република Македонија и клучната стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ”.
СДСМ излезе со став дека Мицкоски едно говори тука, а друго пред Борисов, односно пред бугарскиот премиер дал поддршка за Договорот за добрососедство со Бугарија.
– Мицкоски се загуби, нека излезе пред јавноста и да каже кого лаже за Договорот со Бугарија, граѓаните или премиерот Борисов? Дебаклот на Мицкоски не може да се покрие. За само две минути Мицкоски вчера го потврди своето лицемерие и лажен патриотизам. Иако дома се противеше на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, Мицкоски вчера рече дека Договорот е добар и дека го поддржува. Мицкоски едно зборува пред граѓаните, друго надвор од државата. Сега повторно Мицкоски вели дека не е точно тоа што му го кажал на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, се вели во соопштението на СДСМ.
Мицкоски, пак од Загреб денеска изјави дека ставот на партијата е познат и непроменет и бил истакнат вчера на средбата со Борисов, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и тој лично подржуваат се што е добро и за Македонија и за Бугарија.
Како конструктивна ја оцени средбата со Борисов, разговарале за унапредување на соработката во различни сфери, но како што рече на средбата станало збор и за „онаа Резолуција којашто се однесува на негирање на посебноста на македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев”.
– Така што она што е добро коешто ги поврзува македонските граѓани и граѓаните на Бугарија го подржуваме, она што е спротивно на интересите на македонските граѓани, Македонија ние не можеме да го подржиме, како што е прашањето поврзано со македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев итн., изјави денеска Мицкоски.