Претседателот на естонскиот парламент и член на Конзервативната народна партија ЕКРЕ, Хен Пилуас, изјави дека Русија би требало да ѝ ги врати на балтичката република наводно „анексираните територии“, пренесува „Спутник“.
„Не сакаме ниту еден квадратен метар руска територија. Само сакаме да се вратат нашите. Русија анектираше околу пет отсто од територијата на Естонија“, напиша Пилуас на „Фејсбук“.
Пилуас инсистира дека естонско-руската граница е утврдена со неважечкиот Тартуски мировен договор, а напредок во потпишувањето на пограничен договор може да се постигне само ако руската страна ги признае одредбите од овој договор.
Оваа изјава дојде по интервјуто на директорот на Второто европско одделение при руското Министерство за надвореши работи, Сергеј Бељајев, во кое тој истакна дека Тартускиот мировен договор не важи. Бељајев напомена дека во сите расправи што се однесуваат на ратификацијата на пограничниот договор Талинсе повикува на документ од 1920 година кој нема правна моќ, а врз основа на кој се изнесени територијалните претензии кон Москва.
Членот на Одборот за меѓународни работи во државната Дума на Русија, Антон Морозов, за РТ ја прокоментира изјавата на естонскиот пратеник.
„Мислим дека за Естонија е многу поисплативо да гради конструктивни односи со Русија. Не би им советувал на Естонците да се глупираат со историјата, инаку лесно ќе се утврди дека не е Естонија таа што треба да добие дополнителни територии. Ова прашање мора засекогаш да се затвори“. нагласи тој.
Морозов исто така објасни дека Русија нема територијални претензии кон Талин, но нагласи дека немаат намера да слушаат вакви глупости од естонската страна зашто ова не е првпат естонски политичари да го покренуваат прашањето за територијални претензии кон Русија.
Научниот директор на Руското воено-историско друштво, Михаил Мјагков, ги нарече територијалните претензии на Естонија кон Русија апсолутно неосновани.
„Нема тука никакви прашања. Естонија не би влегла во НАТО да не беше потпишан договорот со Руската Федерација. Алијансата не прифаќа земји со погранични спорови и проблеми“, истакна Мјагков, кој потсети дека во 1920 година во Русија била граѓанската војна и дека границите за кои станува збор се фактички наметнати.