Израелскиот претседател Рувен Ривлин денеска и официјално на Кнесетот му даде инструкции за формирање владеачка коалиција.
Ривлин, чија улога во политичкиот живот на земјата главно е церемонијална, го информира претседателот на парламентот Јулио Еделштајн дека измина мандатот за формирање влада, што му го довери на Бени Ганц, лидерот на сојузот на партиите на десниот центар „Сино и Бело”.
Ривлин кажа дека ни премиерот Бенјамин Нетанјаху, лидерот на конзервативниот Ликуд, а потоа ни неговиот ривал Бени Ганц, поранешен командант на израелската војска, не ја исполниле задачата во зададениот рок да формираат коалиција.
Во случај најмалку 61 од вкупно 120 пратеници во Кнесетот во следните три недели со свој потпис му дадат подршка на било кој од пратениците за формирање влада, таа личност ќе добие мандат владата да ја формира во рок до 14 дена. Во спротивно во Израел ќе се одржат нови, трети по ред избори во последната година.
-Ова е тажен политички исход по вториот изборен циклус што им е наметнат на граѓаните на Израел откако беше распуштен 21-от Кнесет по априлските избори. Тоа е најниската точка во историјата на државата Израел, му кажа Ривлин на спикерот Едекштајн, пренесоа израелските медиуми.
Сега Нетанјахи и Ганц или било кој друг пратеник може да претстават дека ја имаат поддршката на мнозинството членови на Кнесетот, наведуваат американските медиуми.
Имајќи ги во предвид, меѓутоа, политичкиот застој во земјата што трае веќе предолго и неуспешните обиди за посредување за формирање на влада за национално единство, се чини, дека Израел оди кон третите избори што најверојанто ќе се одржат во март.