Над 9,4 милијарди денари се планирани за 2020 година за секторот земјоделство. Средствата се проектирани така што со нив треба да се задоволат тековните потреби во овој сектор, пред се навремена исплата на субвенциите и реализација на капитални инвестиции во водостопанството и руралните средини.
Најголем дел од средствата или 7,4 милијарди денари се лоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој од каде се врши исплатата на финансиската поддршка. Над една милијарда денари се наменети за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, 630 милиони денари е буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство, а останатите средства се за Инспекторатот за земјоделство, Инспекторатот за шумарство и ловство, Управата за ходрометеоролошки работи и Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.
Над 7,3 милијарди денари следната година ќе бидат наменети за поддршка на секторот од кои 6,5 милиони денари за навремена исплата на субвенциите, 800 милиони за програмата за рурален равзој и 19,8 милиони денари за кофинансирање на ИПАРД програмата.
– Наша крајна цел е да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство. Преку континуирана и силна поддршка за земјоделството градиме силна економија, вложуваме во земјоделците за секое земјоделско семејство да има поквалитен живот, за младите да развиваат сопствен агробизнис и да останат во својот крај, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски на денешната прес-конференција на која ги образложи проекциите на Предлог-буџетот за земјоделство за 2020 година.
Во делот на капиталните инвестиции во водостанската инфраструктура за кои се планирани 830 милиони денари, Димковски ги издвои проектот за наводнување Јужновардарска долина, втора фаза, продолжувањето на изградбата на системот Злетовица, Лисиче и Раден Речица, како и браните Конче и Речани.
Во делот на поттикнување на младите земјоделци, покрај постоечката мерка за започнување на земјоделска дејност за млади земјоделци, се воведува нова мерка за земјоделска дејност до 40 години.