Илјадници португалски полицајци кои не се на должност денеска протестираат во Лисабон изразувајќи незадоволство од платите и условите за работа. Организаторите велат дека очекуваат повеќе од 10.000 полицајци од целата земја да се приклучат на демонстрациите.
Протестниот марш го надгледуваше полицијата, вклучително и специјалните единици за разбивање демонстрации. Властите поставија барикади пред Парламентот, каде треба да заврши маршот.
На претходниот протест дојде до тепачки меѓу полицајците демонстранти и нивните колеги во униформа. Демонстрантите бараат зголемување на платата и истакнуваат дека почетната плата од 789 евра не е доволна. Тие исто така бараат бонуси, надомест за ризик, предвремено пензионирање и поголеми инвестиции во полициска опрема.