Српскиот министерот за трговија, Расим Љајиќ, изјави денеска дека во изминатата година, откако Приштина ги воведе таксите за српските производи, на Косово се извезени помалку српски производи во вредност од 395,7 милиони евра и дека најголема штета е тоа што ќе биде тешко повторно да се пласираат тие стоки на косовскиот пазар кога ќе бидат укинати.
Како што јави дописникот на МИА, Љајиќ, за РТС изјави дека најголеми загуби поради таксите претрпеле Нафтената индустрија на Србија (НИС) и Железарницата од Смедерево. Според него, на Косово повеќе нема прехранбени производи од Србија, додека во исто време двојно е зголемен извозот во Косово на стоки од Грција, Унгарија, Бугарија, Хрватска и Словенија, како и за педесет проценти од Македонија.
Љајиќ, исто така, рече дека губитници се купувачите на Косово затоа што плаќаат повеќе за стоките што влегле како замена, што само покажува дека таксите биле политичко-популистички потег спротивен на економската логика.
На прашањето за „малиот Шенген” и дали може да се вклучи Косово, тој рече дека идејата за „малиот Шенген” не е да се прават договори со ниту една земја поединечно.
-Ова е идеја на три земји и таа е отворена за другите економии во Западен Балкан, рече Љаиќ, додавајќи дека целта е сите да бидат дел од оваа идеја, но дека Косово не сака да биде дел од неа.
-Ова не е политички сојуз, туку економска логика, рече Љајиќ, истакнувајќи дека сите можат да имаат корист од тоа.
Тој оцени дека купувачите ќе имаат поевтина стока заради поголема конкуренција, ќе се има полесен пристап до работна сила и многу ќе се заштеди на транспортните трошоци, бидејќи поголемиот дел од времето се троши на чекање на границите.