Потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири вчера гостуваше на дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ 21. Одговарајќи на прашањето дали би коалицирале повторно со ДУИ, Зекири рече дека тој лично не ги сака ДУИ во коалиција и дека тие биле најлошото нешто што можело да им се случи на Албанците, како и дека СДСМ повеќе не треба да ѝ помага на ДУИ.
-Албанците кои што гласале за СДСМ, гласале и за да ги казнат ДУИ. Во 2016-та албанските гласови за СДСМ беа против режимот на ВМРО и ДУИ. Мислам дека во електоратот многу не има оштетено коалицирањето со ДУИ, особено на локалните избори и при нашиот заеднички настап. Најмалку четри големи општини ДУИ ги има добиено од гласовите на СДСМ, изјави Зекири.
Тврдеше и дека се случува во институции каде раководат функционери на ДУИ, челниците од владеачката албанска партија да вработуваат Македонци, само не Албанци од СДСМ. Зекири обвини дека судот работи по диктат на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со оглед дека, како што нагласи, судии се вработувани од страна на Муса Џафери, Блерим Беџети и Сашо Мијалков.
На прашањето дали поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски се уште има влијание во партијата, Зекири рече дека како резултат на неговите лоши политики СДСМ ги губела изборите и дека денеска тој нема никакво влијание.