СО НАЈСОВРЕМЕНИ И МЕЃУНАРОДНИ СТАНДАРДИ, ОБРАЗУВАМЕ ГЕНЕРАЦИЈА КОЈА ЌЕ ОДГОВОРИ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА НОВОТО ВРЕМЕ
Како проректор на Меѓународниот Балкански Универзитет какви чекори преземате за унапредување на образовните процеси на вашите студенти?
Студентот е во центарот на делување на Меѓународниот Балкански Универзитет. Преку современ образовен систем кој е компатибилен со светските трендови во високото образование, на студентите им овозможуваме квалитетно образование со иновативни методологии преку кои ги подготвуваме за предизвиците на новата ера во која живееме. Поради фактот што наставата на МБУ се одвива исклучиво на англиски јазик, ја користиме последната светска литература, од реномирани светски научници и автори. Дополнително, постојано низ студиите на студентите им се пружа можност за развивање на нивните практични вештини преку гостински предавања на експерти, field-visit активности, разни работилници и семинари, стажирање во институции и компании, итн. Нешто што не’ издвојува како меѓународен универзитет е токму меѓународната соработка. Со преку 150 универзитети од 40-тина земји од светот преку билатерални односи, Еразмус+ и Мевлана програмите за размена, на нашите студенти им нудиме одлична шанса да студираат до една година во земјите на Европа и светот, да стекнат нови знаења, пријателства и мрежи и да се вратат и стекнатите искуства да ги споделат со нивните колеги, а утре и во нивните професионални кариери. Низ блиска соработка со бизнис заедницата, обезбедуваме можности за кариера за нашите студенти. За ова најдобро говори фактот што преку 90% од нашите дипломци се вработуваат во првите шест месеци после дипломирање.
Покрај проректорската функција, истовремено и предавате, која улога ви е поблиска? На што ги подготвувате вашите студенти?
Како човек, многу повеќе ме исполнува професорската работа, науката, истражувањето. Покрај проректорската функција, максимално сум посветен на студентите да им го доловам знаењето со кое тие ги поставуваат темелите на понатамошното усовршување во нивните студии. Мојот пристап е таков што многу повеќе ги насочувам студентите како да размислуваат, како да анализираат и како да дојдат до заклучоци. Ги советувам дека токму со ваков пристап полесно можат да стекнат знаења и вештини, а уште побитно, истите утре и да ги применуваат. Предавам предмети на прв и втор циклус студии од областа на комуникациите, историјата и политичките науки. Домен на научен интерес ми се современата светска историја, цивилизациите, историјата на Балканот, Европа и Америка, дипломатијата.
Како изгледа еден ваш работен ден на Меѓународниот Балкански Универзитет?
Кога ќе поминете повеќе од десет години во една институција, во една академска средина и сте свесни за патот кој е поминат за да бидеме денес тука каде што сме, секако дека врската и припадноста кон институцијата е многу посилна и ја надминува професионалната природа. Меѓународниот Балкански Универзитет е наш дом, наше големо семејство, затоа и работната атмосфера и човечките односи се на исклучително високо ниво. Како проректор го почнувам денот со консултации и состаноци со академскиот колегиум, координираме активности и проекти и се грижиме студентот навистина да го чувствува фидбекот од нашето работење. Како професор, редовно сум ангажиран на предавања, дебатирање со студентите за теми кои будат интерес кај нив, консултации со нив околу нивните студии и идниот нивен развој. Политиката на отворени врати која ја применуваме уште од првиот ден на основањето го прави Меѓународниот Балкански Универзитет блиска, пријателска и грижлива институција за студентите.
Што го прави Меѓународниот Балкански Универзитет различен од останатите?
Меѓународниот Балкански Универзитет е фондациска, непрофитна високообразовна институција, односно уникатен модел во нашиот високообразовен систем и пошироко. Од основањето досега, МБУ има доделено преку 1000 стипендии на студенти од Северна Македонија и земјите од Балканскиот регион. Ако ова се дополни со постојаните акции за донации и поддршка кон разни ранливи категории во нашето опкружување, тогаш со право и со гордост констатираме дека сме најопштествено одговорна високообразовна институција во државата. МБУ е единствен универзитет во нашата земја во кој работен јазик и јазик на настава е целосно и исклучиво англискиот. МБУ е акредитиран двојно, и во Република Северна Македонија и во Република Турција, што по инерција ја крева скалата на квалитет поради исполнување и следење на двојни критериуми. Потврдата дојде и на последното рангирање на Шангајската листа, на која МБУ беше најдобро рангиран универзитет во државата во категоријата настава и учење. Одличните услови за студирање и работење на новиот универзитетски кампус во Скопје се без сомнение мотив и инспирација за уште поголемо посветување и успех на МБУ. Активното и динамично имплементирање на студентската мобилност, можностите за практична работа и вработување на студентите преку партнерски однос кон државните институции, меѓународните организации и индустријата, стотици дипломирани и успешни алумни низ светот се огледалото за тоа што е МБУ, кои вредности ги претставува и со каква визија гледа кон иднината.
Какви активности и новости можеме да очекуваме од Универзитетот во наредниот период?
Како етаблирана и почитувана институција, влегуваме во нова фаза на понатамошниот развој и раст, следејќи ги новите предизвици кои се пред нас. Токму затоа, изготвивме краткорочна и среднорочна стратегија за тоа каде го гледаме МБУ во наредните неколку години. Акредитираме нови факултети, нови студиски програми кои се најсовремени, консултирани со засегнатите страни во општеството и апсолутно одговараат на пазарот на труд. Во текот на оваа академска година ќе имаме многу странски гостински предавачи, неколку конгреси и конференции од разни области на науката, голема изложба на дела на студентите по архитектура и уметност, саем на кариера и многу нови интересни активности кои ќе бидат бенефит не само за студентите на МБУ, туку и за целото општество.