Денеска се одржа годишната Конференција на децентрализацијата и локалната власт – „Зајакнување на заедниците: нов моментум за децентрализацијата“,на која свое обраќање имаше претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот Петре Шилегов.
На 1 јули, следната година, ќе се навршат 15 години од започнувањето на имплементацијата на процесот на децентрализацијата во нашата земја. Низ изминатите години собравме доволно искуства, се соочивме со многу предизвици, направивме анализи, па сега треба сериозно да се фатиме за работа да ги направиме нашите општини уште пофункционални во спроведувањето на надлежностите, а со тоа да обезбедиме поквалитетни услуги за граѓаните – изјави Шилегов.
Тој додаде дека ЗЕЛС во континуитет ги нотира сите предизвици со кои се соочуваат општините при спроведувањето на надлежностите и истите ги преточува во,,систематизирани ставови“ кои ги доставуваат до централната власт.
Минатата година, во овој период, имавме и заедничка средба со Владата. Наидовме на огромно разбирање, особено од Премиерот, што резултираше во месец јуни на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС заедно со Владата да започнеме процес на унапредување на системот на локалната власт. Да се оди кон продлабочување на децентрализацијата, со постепено префрлање на нови надлежности од централно на локално ниво. И оттогаш работите тргнаа многу поинтензивно. Се формира мешовито работно тело со претставници од ЗЕЛС, министерот за локална самоуправа и претставници од други министерства, како и претставници од кабинетот на Премиерот. ЗЕЛС, како и секогаш, истапи со подготвен предлог-концепт, кој оди во три насоки: фискалната децентрализација; проширувањето на надлежностите на ЕЛС и промени во организацијата на локалната власт. Заложбите беа, во токот на 2020 година да ефектуираме дел од утврдените ставови, односно да се започне со префрлање на одредени надлежности на локално ниво. Се уште сум оптимист дека ќе успееме да реализираме дел од плановите, иако во меѓувреме имаме драстични измени на политички план во земјата – рече Шилегов.
Во своето обраќање пред присутните Шилегов нагласи дека најголем приоритет на локалната власт е обезбедувањето на поголема финансиска стабилност, односно дека она од што нема да отстапат е нивното барање да се обезбедат доволно средства за извршување на постојните надлежности што веќе ги имаат општините, како што е предвидено и во Европската повелба на локалните власти.
Во делот на фискалната децентрализација предлагаме да се зголеми зафаќањето од ДДВ од сегашните 4,5% на 10 %, во полза на општините и зафаќањето од сегашните 3% на 50% од персоналниот данок на доход. Потоа дел од приходите од Законот за игри на среќа и забавни автомати да биде приход на ЕЛС; етапно да се зголемува стапката на данок на имот; да се интегрираат капиталните дотации во една капитална дотација со неколку потсистеми и нивна распределба според објективни, правични и транспарентни критериуми.- нагласи Шилегов.
Тој, исто така, доааде дека апелираат до општините, секој од колегите градоначалници , да преземе активности за зголемување на сопствените приходи, особено во делот на данокот на имот.
Односно апелиравме до сите градоначалници да си ја обноват база на податоци на даночни обврзници во однос на плаќањето на данокот на имот, потоа да извршат репроценка на даночната основица, според актуелната методологија и се стремиме кон зголемување на стапката на данок на имот, во рамките на дадените законски можности, од 0,1% до 0,2%. Не сум човек што мисли дека сите финансиски проблеми на општините треба да ги реши Владата, добар дел од работите треба да си признаеме и ние како градоначалници, не си ги имаме завршено – посочи Шилегов.
Предлозите за промени во организацијата на локалната власт одат во насока на утврдување на можностите за напуштање на монотипниот вид на ЕЛС и востановување на политипен вид на ЕЛС, со различни надлежности (изборни и задолжителни) во зависност од големината, економската моќ и изградените потенцијали на општината; потоа преиспитување на правниот статус на урбаните и на месните заедници и нивните надлежности; избегнување на паралелните надлежности на Град Скопје и општините во него, промени во составот на Советот на општината и слично.
Ова се всушност предлозите кои ние ги застапуваме и за кои веќе интензивно преговараме и се договараме со централната власт, а кои се во насока на унапредување на системот за локална самоуправа во нашата земја. Сметам дека се доволна основа за понатамошна дискусија во овие два дена на оваа наша заедничка Конференција и дека наша задача, без разлика дали сме од централната или од локалната власт е да го подобриме квалитетот на животот на нашите сограѓани – порача Шилегов.
На годишната Конференција на децентрализацијата и локалната власт – „Зајакнување на заедниците: нов моментум за децентрализацијата“, присуствуваа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Самуел Жбогар, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, постојаната претставничка на Програмата за Развој на Обединетите Нации, Нарине Сахакјан, министри, градоначалници од нашата земја и од странство, претставници од меѓународните и домашни организации и експерти.