Откако СЈО отворило случаи за прислушувањето и за уништувањето опрема, обвинетите бегалци Горан Грујевски и Никола Бошковски, му се јавувале и кажувале какви искази да дава пензионираниот маркирач од УКБ, Марјан Јанкуловски.
Тој работел како маркирач односно внесувал броеви во системите за следење на комуникациите, а за комуникацијата со обвинетите, кои исто така беа дел од УБК, зборуваше на денешното рочиште на предметот „Таргет-Тврдина“.
– Никола Бошковски ми се јави пред да дадам изјава во СЈО и тој и ме однесе до СЈО. Попатно ми кажа што ги прашувале другите колеги и што одговориле и моите одговори да бидат во тие насоки. Ми се јави и кога завршив, истиот ден, дојде да ме земе дома, отидовме на некој паркинг и ме прашуваше што ме прашувале во СЈО и кои одговори сум ги дал, раскажа сведокот.
– Горан Грујевски ми се јави бееш во некаква паника, знам беше петок, ми рече дека ќе не апселе викендот и дека би било фино со семејството да не бидам во Скопје и дека и тој исто така нема да биде во Скопје. Јас му реков дека не можам зошто сум дежурен викендот и сум на повик. Тогаш тој ми рече ако случајно има проблем да се јавам кај некој адвокат Перо и ми даде број од тој човек. Имавме уште една средба. Седевме во еден кафиќ во Кисела Вода и ми пишуваше на лист што треба да одговорам, рече Јанкуловски.
На прашањето на обвинителката Ленче Ристоска, дали некогаш бил во ситуација во системот да стави број на некој познаник или близок роднина, рече:
-Ми се случи еднаш. Добив лист со десетина броеви од Надица Николиќ и ставајќи го броевите дојдов до бројот на мојот син. Кога ја прашав Надица зошто и неговиот број е тука ми рече дека сите на листата конкурирале за вработување и Горан Грујевски барал да се уклучат за прислушување, сведочеше сведокот.