Лидерите на партиите победнички на парламентарните избори од 6 октомври во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Албин Курти и Иса Мустафа, се сретнаа денеска за да разговараат за текот на преговорите на работните групи на двете партии за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти, кој како лидер на партијата која освои најмногу гласови, се очекува да го добие мандатот за формирање на новата Влада, по состанокот изјави дека со Мустафа имал конструктивен разговор и дека е договорено наредната средба да се одржи веднаш по објавувањето на конечните резултати од гласањето, со цел во најкраток рок да постигнат договор за поделба на ресорите во кабинетот што тој ќе го води.
– Се договоривме да се состанеме еден час по сертификацијата на резултатите и да се договориме. Мојот предлог, на кој претседателот Мустафа одговори позитвно, е во наредните 72, односно помалку од 100 часа по тој состанок, да постигнеме конечен договор за нашата владина коалиција, изјави Курти.
Мустафа, чија партија, според досегашните неофицијални резултати, освои еден отсто помалку гласови од ВВ, (околу 26 за ВВ, наспроти околу 25 отсто на ЛДК), по состанокот изјави дека со Курти не разговарал за конкретна поделба на ресорите во идната заедничка влада, која, според досегашните изјави од двете партии, ќе има 12 министерства.
– Со г. Курти ја разгледавме досегашната работа на работните тимови за усогласување на владината програма и заклучивме дека е постигнат значителен напредок во тој аспект. За функции не разговаравме денека, ниту пак за конкретни министерства. Разговаравме само за тоа да постигнеме согласност за договорот за нашата идна четиригодишна коалиција, изјави Мустафа.
Во Центарот за броење и резултати при Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово во тек е пробројувањето на гласовите во 1.407 од вкупно 2.547 гласачки места на кои се гласаше на 6 октомври, по налог на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП), кој прифати дел од поплаките на учесниците на изборите.
Од ЦИК вчера најавија дека се очекува овој процес, кој започна на 13 ноември, да заврши до недела, 24 ноември, по што ќе бидат објавени конечните резултати и ќе може да се конституира новото Собрание, а потоа и новата Влада на Косово.