Проектот Иловица-Штука е проект од национално значење и е најголемиот проект за странски директни инвестиции во Македонија, велат од „Еуромакс“ реагирајќи на протестите што денеска се одржаа пред Владата против изградбата на рудникот.
„Направивме повеќегодишни истражувања на влијанијата врз животната средина, дизајнирање на проектот, спроведување проценки на влијанието и работење со локалната заедница за да го подобриме дизајнот. Еуромакс е посветен на заштита на животната средина и одржливоста на проектот. Ниту еден научник или инженер не смета дека има безбедносни проблеми со рудникот. Рудникот ќе ги користи најновите технологии од Америка и Европа и ќе финансираме независно тестирање за да се обезбеди дека се придржуваме на нашите ветувања“, наведуваат од „Еуромакс Рисорсис“
Тие велат дека рудникот нема да има влијание врз земјоделството.
„Проектот нема да ја намали водата за наводнување. Нема да загадува. Тоа нема да ги намали приносите на земјоделски култури. Нема да влијае на органското земјоделство. Рударските проекти ширум светот живеат во склад со локалните заедници и со локалното земјоделство. Такви примери има тука во Македонија и на други места на Балканот“, додава концесионерот.
Според нив, проектот ќе донесе инвестиции, ќе донесе илјадници работни места, а од нашите даноци ќе вложува со подобрување на локално образование и здравствена заштита, како и за национални социјални програми. Оттука велат дека имаат неколку активности во Скопје околу дозволите и во моментов бараат решение за ситуацијата преку судовите, сигурни во својата правна позиција.