Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара формирање на Анкетна комисија во Собранието која ќе има за цел да го испита работењето на СЈО и Катица Јанева, со цел, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, македонските граѓани да дознаат како и за кои потреби се трошени нивните пари од страна на оваа институција .
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека парламентарното мнозинство се служи со нејасни и небулозни објаснувања за да се оневозможи формирањето на ваква комисија.
„ВМРО-ДПМНЕ има поднесено предлог за основање на Анкетна комисија но истата сеуште не се става на дневен ред со што се блокира нејзиното создавање. Анкетната комисија што ја бара Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да даде институционален одговор на тоа колкава штета е направена на буџетот, кој се имал незаконски приходи, но и нешто што до сега не е доволно јасно, а тоа е колкави пари се одлевани за незаконски вештачења кои после биле и уште се користени во судски постапки. Исто така комисијата треба да го расфетли и непотизмот кој што владеел во СЈО и начинот на кој што се вработувале луѓе со институцијата“, велат од пратеничката група.
Оваа Анкетна комисија, како што додаваат, ќе треба да ги обелодени и политичарите кои што давале заштита на работењето на Катица Јанева и останатите обвинители и дозволувале делење на големи суми на пари, со цел да се врши рекет и уцена на фирми, бизнисмени и политичари за потребите на Владата на СДСМ.
„СЈО за периодот од кога постои до денес ги чини граѓаните десетина милиони евра. Деновиве, во јавноста можат да се видат податоци за тоа колку дополнителни надоместоци, надвор од плата, зел секој од јавните обвинители во рамки на СЈО. За потсетување, Катица Јанева и некои од обвинителите земале дополнителни месечни бонуси во износ на годишна плата. Овие бонуси обвинителите си ги делеле за доверливост за тоа што ги преслушувале бомбите. Исто така можевме да видиме и дека од Владата предводена од Зоран Заев додека траела предистражната постапка за случајот „Рекет“ и биле префрлени 36.000 денари на сметката на Катица Јанева но сеуште не се знае по кој основ“, нагласуваат од пратениката група.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека јавноста мора да дознае како, за што и на кој начин Катица Јанева ги трошела државните пари изминатите години.