Распишана е тендерска постапка за изградба на Филтер станица за вода за пиење за Општина Карбинци, со што оваа општина е првата која ги користи средствата од Владата за ставање во целосна функција на најсовремениот систем за водоснабдување „Злетовица”, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски по посетата на општината.
-Во овој момент со сирова вода од Хидросистемот „Злетовица” се снабдуваат само две општини, а тоа се Пробиштип и Свети Николе. Но, наскоро ќе се приклучи и општината Карбинци, бидејќи е прва општина која ја заврши постапката за комплетна техничка документација и затоа е и прва општина која ќе ги користи финансиските средства предвидени во Акцискиот план за изградба на Филтер станицата со капацитет од 30 до 40 литри во секунда, вели Димковски.
Тој забележа дека со изградбата на овој капитален објект селата кои се под општина Карбинци трајно го решаваат проблемот со водоснабдување, а кои во моментов пијат вода од бунарски системи. До локацијата каде што ќе биде Филтер станицата веќе е поставен цевковод и оптички кабел, кој треба да го следи протокот на водата од Скада системот на ХС Злетовица до новата Филтер станица.
Средствата што ги издвои Владата за ставање во целосна функција на ХС „Злетовица” треба да ги искористат и Штип, Лозово и Свети Николе.
Министерот Димовски информираше дека во тек се преговори со Европската инвестициона банка за изградба на втората и трета фаза од ХС Злетовица.
-Со заемот ќе се обезбеди систем за наводнување на 4.100 хектари земјоделско земјиште и изградба на шест мини хидроцентрали. Техничката документација со грант од Европската инвестициона банка во износ од 1,5 милиони евра е веќе изготвена. Со обезбедување на средствата од банката во износ од 50 милиони евра, за реализација на втора и трета фаза целосно ќе се заокружи ХС Злетовица, вели Димковски.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев истакна дека изградбата на Филтер станицата, но и пристапни патишта и цевководи до осумте населени места ќе чини 2,7 милиони евра. Тој се надева дека до декември Министерството ќе успе да избере економски оператор што веднаш ќе ја стартува изградбата на Филтер станицата, а очекува изградбата и ставањето во функција на овој капитален објект да биде наредната година.
За општината Карбинци реализацијата на проектот значи обезбедување на вода и решавање на проблемот со водоснабдување за наредните сто години. Со пуштањето на водата од ХС Злетовица ќе се намали и цената на водата за пиење во оваа општина, што во моментов изнесува 24 денари.